Заврши сагата на хрватските посвоители на деца од Конго – се враќаат сосе децата


Фото: Cropix

Судијката од Замбија денеска ослободи осум Хрвати кои седум месеци се во Замбија. Останува да видиме како согласно нејзината одлука ќе реагираат обвинителството и одбраната.

Имено, постои можност дури и да се заврши рочиштето, да се покрене уште едно, што за четирите уапсени двојки би значело уште неколку месеци престој во Замбија, а можеби и повеќе.

Да потсетиме, осум Хрвати веќе беа ослободени од замбискиот суд во февруари, но полицијата повторно ги уапси на аеродромот и ги врати во притвор, а судот повторно покрена обвинение против нив. Причина за ова беше анонимна дојава која дојде од Хрватска. Од извор близок до семејството, хрватските медиуми дознаваат дека обвинетите се надеваат дека нивната повеќемесечна агонија ќе заврши денеска.

Судија во Замбија донесе одлука дека обвинителството не воспостави случај против осум Хрвати за обид за трговија со деца, откако беа испрашани сите сведоци на обвинителството. 

Судијката на Вишиот суд во Ндола, Мери Муланда изјавила дека државата не успеала да го докаже случајот против Хрватите и веднаш била издадена наредба за нивно ослободување, пренесува 24 часа.

Таа утврдила дека сите документи се точни и дека децата се посвоени според сите правила.

„Сите плачеа, дури и помошниците на судијката. Адвокатите отидоа да ги земат децата, се чека документацијата. Ги чекаме да дојдат кај нас. Тие одат со нас во Хрватска“, вели Александра Першиќ, една на посвоителите во Замбија.

„Воодушевени сме, само купуваме храна за децата, само чекаме да видиме кога ќе ни стигнат децата. Адвокатите веднаш по судењето отидоа да ги земат. Сега нашите деца треба прво да добијат виза, а потоа ние ќе се договориме кога ќе отпатуваме за Хрватска“, рече за 24 часа Азра Имамовиќ Субошиќ.

„Мислам дека денес дефинитивно ќе имаме деца. Најважно ни е тоа да се случи што поскоро, се преродивме како семејство. Дури и луѓето во судницата, јавноста која ја слушаше пресудата, дури и судските службеници заплакаа. Судијката ми влеа доверба уште од почетокот“, истакна Азра.

Четири хрватски парови беа уапсени во Замбија на 7 декември 2022 година, откако посвоија деца од сиропиталиште во ДР Конго. Имиграциските служби и полицијата се посомневале дека документите за посвојување се фалсификувани и дека се работи за обид за трговија со деца.

Тогаш почна агонијата која траеше речиси шест месеци за уапсените Хрвати, а нивните деца беа одземени и ставени под грижа на замбиските социјални служби.

Во текот на судењето Хрватите имаа помош од конзулатот и хрватското МНР.

Во понеделникот во судот заврши сослушувањето на сите сведоци на обвинителството. Законот на Замбија му дозволува на судијата да го отфрли обвинението ако смета дека прекршокот не е докажан, дури и пред да се сослуша одбраната.

Обвинетите хрватски парови ги виделе своите посвоени деца за прв пат по шест месеци минатата недела, кога беа изведени на суд за да бидат идентификувани од Комбе Сакени. Тој момент беше многу емотивен за сите во судницата, а Хрватите го напуштија во солзи.