Заврши првата фаза од реконструкцијата на улицата „Тодор Александров“ кон Водно
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска објави дека завршила првата фаза за реконструкција на улицата Тодор Александров која води кон Водно.
– Градот Скопје заврши со првата фаза на улицата ул. Тодор Александров која води кон Водно. Ова улица беше во исклучително лоша состојба и како една од најфреквентните улици за жителите кои се движат кон врвот на Водно, барањето за нејзина реконструкција е истакната како децениски проблем за сите кои редовно транзитираат по оваа сообраќајница. Воедно барање за реконструкција истакнаа и голем број велосипедисти со цел подобрување на безбедноста и сигурноста за учесниците во сообраќајот при движење по коловозот. Реконструкцијата на улицата Тодор Александров во две фази, опфаќа површина од 18.580 м2 и должина од 2820 метри, а воедно целосно се реконструира системот за одводнување, вклучително и нивелирање на шахти и сливници, објави Арсовска.
Проектот за реконструкција на улицата Тодор Александров го изведува Јавното претпријатие Улици и патишта, а во исто време Јавното претпријатие Паркови и зеленила отпочна акција за зазеленување со нови садници, реконструкција на видиковци и еко урбана опрема на потегот кон Средно Водно.