Заврши пиењето кафиња – партијата на Таравари конечно оди во опозиција
Коалицијата „Вреди“ сега треба да има само девет пратеници во владиното мнозинство, двојно помалку од „Европскиот фронт“. Тоа е компликувано за премиерот Мицкоски

Крилото на Алијансата на Албанците на Арбен Таравари конечно реши да ја прекине политичката сапуница околу неговото останување во владата на Христијан Мицкоски и врвот на партијата вечерва одлучи да излезе од кабинетот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Таравари претходно најави дека ќе излезе и од четиричлената албанска коалиција „Вреди“, а неговите тројца партнери му рекоа дека за него веќе нема место на заедничката маса.
Таравари вечерва објави дека највисоките раководни органи вечерва донеле конечна одлука партијата да излезе од владината коалиција.
Со тоа завршија најавите за пиење кафиња, па долгонајавуваната средба и одржана со премиерот Мицкоски како да се однесува на состанок меѓу странски државници. Па може да има уште едно пиење кафе кое ќе било последно… и така натаму.
„Се враќаме меѓу граѓаните, на локалните избори во октомври ќе имаме многу подобар резултат“, рече Таравари по состанокот на централното претседателство и претседателите на ограноците.
Тој истакна дека незадоволството кај албанскиот електорат е големо посебно поради балансерот и европскиот пат.
„Промените што ги ветивме не ги испорачавме за што граѓаните нѐ критикуваат. Затоа решивме да се вратиме кај граѓанинот. Да побараме од нив доверба во октомври за локалните избори. Денеска констатиравме дека доколку има недоверба меѓу членовите на владата, тогаш треба да излеземе. Незадоволството од ‘Вреди’ е големо особено поради балансерот, како и законот за јазиците“, рече Таравари. Тој додаде дека шест недели со другите тројца коалициски партнери се обидувале да најдат заедничка поддршка за кандидатите за градоначалници, но не успеале во тоа. Таравари рече дека по укинувањето на балансерот „Вреди“ ветила дека во ноември или декември ќе се донесе законот за правична застапеност, но досега нема ништо од тоа.
Засега не е јасно дали сите петмина пратеници од партијата на Таравари ќе одат во опозиција или некои од нив можеби ќе се приклучат кон владината коалиција. Без овие пратеници владината коалиција има 73 пратеници и веќе е далеку од двотретинско мнозинство. Без оглед што мнозинството е стабилно, сепак ситуацијата за премиерот Мицкоски сега е покомплицирана. Во Собранието во владиното мнозинство ќе има само деветмина Албанци од „Вреди“, додека албанската опозиција, заедно со неколкутемина Турци ќе има дури 23 пратеници. Тоа значи дека за многу гласања за кои е потребен Баденетер ќе биде неизвесен исходот, освен ако владиното мнозинство не им излезе на одредни опозициски барања. Покрај тоа, на одреден начин ќе се зголеми и влијанието на партијата ЗНАМ, која има шест пратеници, само три помалку од остатокот на „Вреди“. (Н.В.)