Заврши национализацијата на најголемиот снабдувач со електрична енергија во Франција
Француската влада ја заврши национализацијата на најголемата енергетска компанија во земјата, ЕДФ, па компанијата официјално веќе не е на Париската берза, се вели во соопштението објавено од Министерството за финансии.
Преземањето доаѓа откако компанијата претрпе рекордна загуба минатата година, при што нуклеарното производство падна на најниско ниво во последните 34 години.
Министерот за финансии Бруно Ле Мер ја поздрави национализацијата на компанијата, нарекувајќи ја „успешна“ и рече дека преземањето на државата е „неопходно“ за иднината на енергетската компанија.
На крајот на 2022 година, Париз започна откуп на 16 отсто од акциите на ЕДФ, нудејќи околу 10 милијарди евра за да ја преземе целосната контрола врз снабдувачот со електрична енергија. Франција веќе поседуваше речиси 84 отсто од акциите во ЕДФ, додека 15 отсто беа во рацете на приватни акционери, а останатите 1 отсто беа во сопственост на вработени во оваа компанија.
Оваа европска земја, инаку, околу 70 отсто од електричната енергија произведува од нуклеарна флота од 56 реактори, управувана од ЕДФ. Сепак, повеќето од нив се соочуваа со повторливи проблеми со корозија и беа или исклучени или беа под одржување, што предизвика голем пад во производството на електрична енергија.
Намаленото производство потоа доведе до драматично зголемување на цената на електричната енергија во Франција минатата година, принудувајќи ја ЕДФ да купува електрична енергија на пазарите на големо за да го покрие недостигот во производството, а дополнително ја влоши енергетската криза во Европа.
Нето финансискиот долг на ЕДФ се зголеми за 50 отсто на речиси 70 милијарди долари минатата година бидејќи забележа рекордна загуба. Компанијата очекува овогодинешното производство да биде во опсег од 300 до 330 терават-часови, со зголемување на 345 терават-часови во 2024 година, што е сè уште далеку од 380 терават-часови произведени во 2019 година.
Експертите велат дека Франција, некогаш извозник на енергија, се очекува во голема мера да се потпира на увозот на електрична енергија од соседните земји, вклучително и Германија, за да ја задоволи домашната побарувачка следната зима.