Заврши „Квалитет 2025“ во Скопје: Турнир што ја покажа иднината на македонскиот шах

Со учество на околу 200 талентирани деца од осум држави, викендов во Скопје заврши престижниот шаховски фестивал „Квалитет 2025” во категориите до 8, до 10 и до 20 години. Младите шахисти ја демонстрираа својата страст, талент и борбеност, играјќи седум партии поделени во сабота недела и понеделник.
Во конкуренцијата до 8 години, доминација покажа Јован Јовановски од Куманово, кој убедливо го освои првото место со совршен скор – 7 победи од 7 партии. Јовановски уште еднаш ја потврди својата улога како една од најголемите надежи на македонскиот шах.
Категоријата до 10 години кадешто учествуваа 54 деца донесе вистинска сензација: по првпат во десетгодишната историја на „Квалитет” пехарот заврши во рацете на девојче – осумгодишната Софија Беловска, која е и актуелен државен првак помеѓу девојчињата. Со стабилни 6.5 поени од 7 партии, таа ја надмина конкуренцијата, вклучително и фаворитот Јован Вукашиновиќ од Струмица, кој заврши втор со 6 поени.
Во највозрасната категорија, до 20 години, фаворитот Антон Златков го оправда својот статус и го освои златото со 6 поени од 7 партии, без ниту еден пораз. Двете реми партии ги одигра против силни противници, меѓу кои и второпласираниот Мајкл Бурнс – еден од најперспективните шахисти во земјава, кој веќе се приближува до 2000 ФИДЕ рејтинг поени.
Бронзата во оваа категорија замина кај Михајлов Бојан од Бугарија, додека вистинско изненадување беше настапот на деветгодишниот Ахмет Селим Абдурахман. Младиот шахист со храбар и стабилен настап успеа да се пробие меѓу најдобрите, а во претпоследната рунда играше дури на втора табла против искусниот Кирил Николовски.
Овие резултати уште еднаш го потврдуваат огромниот потенцијал што го има македонскиот шах, со нова генерација на млади, мотивирани и талентирани играчи кои ветуваат светла иднина за оваа древна игра.
Шаховски фестивал „Квалитет 2025” се одржа во организација на Јахја Кемал колеџот, а финансиски беше поддржан од Програмата Еразмус+ на Европската Унија.