„Завод и музеј“ Струмица доби 6, 49 милиони денари за годишната програма


 НУ „Завод и музеј“ Струмица за оваа година ќе располага со зголемен буџет за повеќе од 2 милиони денари во споредба со лани за реализирање на програмските активности на музејската дејност, како и на секторот за заштита и конзервација на недвижното културно наследство финансиран од страна на Министерството за култура и туризам и тој изнесува 6.490.000 денари, истакна на денешната прес конференција в.д.директорот на оваа установа, Бранко Ѓоргиев.

Според него, дополнително, за капиталните проекти, како што се  проектите за Стариот театар во Струмица, црквата „Св. Кирил и Методиј“, како и зафатите кои треба да се реализираат во манастирскиот комплекс во село Водоча, од страна на ресорното министерство, исто така, се издвоени вкупно 212.200.000 денари. 

-Во таа смисла, констатираме и истакнуваме дека утврдените финансиски средства за реализација на нашите програмски активности, кои што се од национален интерес, ќе овозможат стекнување нови сознанија, како и промоција, презентација и заштита на културно-историското наследство создавано во континуитет, низ сите историски епохи, на почвата на Струмица и Струмичко и во Југосточна Македонија и пошироко, рече Ѓоргиев.

Во музејската дејност се одобрени 21 проекти и според директорот ова досега е еден од највисоките буџети според износот на финансиските средства. Од тие средства ќе се осовременува, реконцепира и ќе се врши напосредна заштита на Меморијалниот музеј посветен на народниот херој Благој Јанков-Мучето, потоа Каталог на монети од XIV до XX век, систематски археолошки истражувања на неолитската населба „Орниче“ кај село Костурино и повеќе работилници и изданија.

Во областа на заштитата на културното и историското наследство ќе се реализираат 14 проекти, а како позначајни Ѓоргиев ги истакна реализацијата на основен конзерваторки проект на црквата „Свети Кирил и Методиј“ во Струмица, основен конзерваторки проект за санација на покривот на манастирот „Свети Леонтиј“ во село Водоча, како  и довршувањето на проектот „Стар струмички театар“ за кого се предвидени над 196.000.000 денари. 

-Во партнерство со музејот од град Кукуш, Грција, аплициравме во Интерег-програмата на Европската Унија за 2021-2027 година за изработка на покривна конструкција на античкото термално лекувалиште во село  Банско. Проектот е одобрен и за негова реализација се издвоени 25.830.000 денари, додаде Ѓоргиев.

Тој информираше дека за годинава новитет е и тоа што институцијата ќе располага со делигиран буџет, односно директорот и вработените сами ќе одлучуваат, во висина на одобрениот буџет од страна на министерството за култура, за стратешкиот развој на институцијата преку самостојното утврдување на приоритетните проекти.