Затворени пет приватни научни институти, соопшти Јаневска
Затворени се пет приватни научни институти, а кај 15-тина се утврдени неправилности кои имаат обврска да ги отстранат во соодветен рок. Ова е исходот од досега спроведените надзори на комисијата во Министерството за образование и наука формирана за оваа намена, за што, информираше вечерва министерката за образование и наука Весна Јаневска во емисијата „За или против“ на ТВ Алфа.
-Дел од институтите се затворени заради неактивност, а дел бидејќи не ги исполнуваа законските услови за работа. Онаму каде констатиравме неправилности, даден е рок истите да ги отстранат за три месеци. Но, мислам дека бројот на затворени научни институти ќе биде поголем, рече Јаневска, додавајќи дека само два института целосно ги исполнувале условите за работа.
Министерката информира дека некои образовни установи не сакале да соработуваат при надзорите, а дел од нив, дури и упатувале закани кон вработените во министерството.
-Се што правиме е за подобро образование, ниту една активност нема политичка заднина. Ова е прво предупредување да престанат со закани, а следно ќе биде да пријавиме и да постапат други надлежни институции по тој основ, додаде министерката.
Осврнувајќи се на придобивките кои ќе ги обезбеди предложената нова законска регулатива во образованието, Јаневска рече наскоро по усвојувањето на неколку законски решенија во Собранието, ќе следи кадровско зајакнување на дел од институциите, меѓу кои и Државниот просветен инспекторат и Бирото за развој на образованието.