Затворен базенот во „Борис Трајковски“ – паднал дел од таванот


Од спортскиот центар „Борис Трајковски“ информираат дека пливачкиот базен привремено да нема да работи.

– Поради изведба на технички зафати од поголеми размери, пливачкиот базен нема да работи од 22.04.2025. За повторно отпочнување со работа, навремено ќе бидете известени на веб страната, како и на фејсбук страната. Интензивно работиме на отстранување на дефектот и на повторно отварање на базенот – информираа вчера од спортскиот центар.

Поради тоа околу 30 клубови најмалку еден месец ќе останат без простор за тренинг на пливачите.

– Станува збор за пад на една од лајсните од кровот, која е навистина лесна и поради огромната влага што ја има во базенот, што е нормално, се имаше откачено. Лајсната беше пронајдена падната на плочките покрај базенот од страна на вработените во период кога таму немало никој, ниту внатре ниту надвор од базенот. Тоа беше индикатор за нас да провериме каква е состојбата на другите делови од покривот што се невидливи за пливачите и за гостите, па затоа ги повикавме луѓето од Градежен факултет да направат проверка на сите останати слоеви – вели директорот Данијел Апостолоски.

Според директорот, челичниот дел е поставен во 1979 година со самото отворање на базенот и според извештаите од Градежниот факултет е цврста и сигурна потпора, но при последното реновирање на базенот во 2010 година биле монтирани дополнителни мрежи, шипки и профили за потпора на челичниот столб, кои не биле соодветни за специфичните услови на базенот како влага и висока температура. Тие денеска се кородирани, а дел од нив и откачени од челичната потпора.

Во наредниот период ќе биде ангажирана фирма специјализирана за санација на проблеми од овој карактер, а според Градежниот факултет, привремената санација на најважните делови од покривот, ќе трае најмалку 30 дена.