Застрашувачки сцени од пожар во Аргентина што неконтролирано се шири кон одморалиште


Страшна снимка од пожарот во Аргентина покажува огнен ѕид кој се движи кон туристичкиот град Вила Карлос Паз, со 56.000 жители, во долината Пунила во централната провинција Кордоба.

Пожарите во текот на ноќта ги зафатија одморалиштата во Аргентина, принудувајќи масовна евакуација на стотици семејства за време на интензивен топлотен бран. Температурите достигнаа до 35 степени.

Речиси 1.000 пожарникари се борат со пожарот што избувна во понеделникот. Екипите на итната помош употребија осум противпожарни авиони и два хеликоптери, а граѓаните им помогнаа со помош на кофи и црева. Приведен е 27-годишен маж обвинет за подметнување пожар, јавија локалните медиуми.

Наводно, осомничениот ѝ рекол на полицијата дека запалил камперски оган за да направи кафе и изгубил контрола над пламенот поради силниот ветер.

Волонтер од локалната противпожарна служба изјави дека во моментов од пожарот целосно или делумно се уништени десетина куќи.

„Триста луѓе беа насилно евакуирани, а 300 се самоевакуирани. Цивилите тешко дишат, а има и голем број угинати домашни животни. Пожарот е се уште активен“, рече тој.

Гувернерот на Кордоба, Хуан Скиарети ги повика луѓето да ги напуштат своите домови.

„Го повикувам населението да ги почитува упатствата на пожарникарите и властите кои работат во погодените области“, рече Скиарети.

Сликите и видеото од областа покажуваат огромни пламени јазици во ридовите кои ги опкружуваат населените места, а пожарот зафатил и некои куќи во регионот.