Застаре случајот „Таргет-Тврдина“ – на Мијалков нема да му се суди за прислушувањето


Фото: Б. Грданоски

Судот донесе решение за запирање на кривичната постапка за случајот за “Таргет-Тврдина” за обвинетите Горан Груевски, Сашо Мијалков, Надица Николиќ, Владимир Варелов, Маријан Шумуликоски и Васил Исаковски за делата злосторничко здружување и злоупотреба на службена положба и овластување поради настапено застарување.

Со ова застаруваат кривичните дела за нелегалното прислушување за предметот, а во судница остануваат обвинетите што се опфатени со делот за ништење на опремата.

 

Трошоците за водењето на кривичната постапка паѓаат на товар на Буџетот на државата.

По одлуката на Апелациониот суд за поништување на првостепената пресуда за случајот, тој на почетокот на годинава беше вратен на повторно судење и беше распределен кај судијата Илија Трпков.

За случајот „Таргет-Тврдина“, кој се однесува за масовното прислушување и уништување на опремата од УБК, Основниот кривичен суд Скопје на 26 февруари 2021 година првично изрече казна затвор од 55 години и 10 години условни казни, односно вкупно 65 години за 11 лица. На поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков судот му изрече казна затвор од 12 години за кривично дело „злосторничко здружување“, „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „примање награда за противзаконито влијание“.

Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Прислушувањето директно и индиректно опфатило околу 20 илјади граѓани.