Засилени патроли покрај депонијата Вардариште – ќе ги снема ли црните чадови над Ново Лисиче?


Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) иницираше заеднички акции со Инспекторатот на Град Скопје и МВР со цел спречување на палење кабли и гуми покрај реката Вардар.

Договорени се засилени патроли и интервентни акции по пријави на граѓани.

– Ги охрабруваме граѓаните, штом се јави чад веднаш да пријават загадување преку Месинџер на Фејсбук страницата на Државниот инспекторат за животна средина. Само заеднички можеме да делуваме за зачувување на животната средина, наведува ДИЖС.

Оваа најава доаѓа откако вчеравечер, како и пред три дена, жители на Ново Лисиче, по социјалните медиуми објавија куп потографии и видеа од црн чад како се издигнува над нивните згради во приквечерието. Сведочат дека воздухот смрди на изгорена гума, а ги повикуваа надлежните органи да преземат нешто, затоа што вакви случаи има постојано со години.