Засега останува препораката учебната година да почне на 1 октомври


Фото: Б. Грданоски

Засега останува препораката дека училиштата може да почнат со работа. Ја следиме работата на градинките. Секојдневно ги следиме бројките во одредени општини, за да евентуално дадеме препорака само на дел од земјата, и не само врз основа на бројката, туку и контактите, кој од кого се заразил. Анализираме повеќе параметри – вели министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција.

Во однос на препораките на Комисијата за заразни болести за  дневниот престој нагласи дека се чекаат бројките на деца кои ќе одат во дневен престој.

-Во тек на оваа недела ги чекаме бројките на децата кои треба да останат во дневен престој. Дискутиравме на состанокот на Комисијата и ставот генерално е дека е ризикот мал заради тоа што станува збор за истата група деца кои се заедно во утринските часови, па треба да продолжат и понатаму. Но сепак зависи од вкупната бројка. Верувам дека во следните денови тој процес, го комуницираме со МОН и дека ќе го завршиме, вели министерот за здравство.

Во однос на тоа што последните денови се зголемува бројот на смртност, има и млади кои починаа од Ковид-19, Филипче рече анализите почнаа да се работат во текот на викендот.

– Претпоставувам дека нема да им треба повеќе од една недела да се анализираат. Тука ќе влезе и ќе се анализира и возраста, евентуалните претходни заболувања кај тие пациенти. Ние видовме комплексни, тешки форми на болеста. Форми кои не можевме да ги претпоставиме. Овој вирус е нешто со коејшто никој не се сретнал досега – рече Филипче и додаде дека смртноста не се должи на терапевтскиот третман затоа што е ист секаде, а анализи се прават за да се утврди причината за зголемената смртност.

Во однос на вакцините вели дека се следи развојот на сите вакцини.  – Имавме комуникација со рускиот амбасадор, преку кој упативме прашања, а одговор не сме добиле. Ги следиме сите истражувања, за десет вакцини од различни комапнии. Далеку сме од тоа да одлучиме која вакцина ќе ја користиме, затоа што ни една не е во завршна фаза на истражување – рече Флипче.