Засадил 2.000 садници индустриски коноп за научни цели, добил две години затвор

Интересот за научно истражување на индустриски коноп, Петар Матовски го втурнува во седумгодишен кривично-правен лавиринт


 

Интересот за научно истражување на можноста за зголемување на конкурентноста на македонскиот земјоделски сектор со индустриски коноп, Петар Матовски го внесува во седумгодишен кривично-правен лавиринт, кој на крајот резултира со двегодишна затворска казна.

Матовски, денеска на прес-конференција, појасни дека за потребите на својот магистерски труд легално купува семенски материјал „канабис сатива л“ или индустриски коноп во Нови Сад и легално го внесува во земјава, за што има и печат од Државен пазарен инспекторатот, го засадува на видно и прометно место и самиот ги поканува сите релевантни институции. Но, како што вели, први на терен доаѓаат Државен инспекторат за земјоделство, кои го пријавуваат во МВР.

Адвокатот Јанаки Митровски, посочи дека станува збор за специфичен предмет, односно станува збор за магистерски труд каде Петар Матовски засадува 2.000 садници индустриски коноп за научни цели, кој во себе не содржи психотропна супстанца, но лабораторијата на МВР, која ја користи Јавното обвинителство не прави вештачења за хемискиот состав на запленетиот канабис.

– Но, доколку сакате да се докажувате, ќе наидете на серија потешкотии. Неукоста на судскиот систем е она што во овој случај доведува до неосновани затвoрски казни, односно ставот на судовите е дека нив ги интересира само дали е канабис или не, што е доста скандалозен став, појасни Митровски.

Матовски за ова првостепено е осуден на три години затвор, што по усвоената жалба од Апелација е вратено на повторно судење, каде е ослободен од вина. На таквата одлука се жали ОЈО Куманово, при што Апелација ја преиначува пресудата во осудителна, а Врховен суд ја одбива жалбата.

– Правните лекови во голема мера исцрпени. Петар има поднесено и барање за повторување на постапката. Јас му посакувам се најдобро и успех, но не би бил преголем оптимист. Така што, единствен метод, кој што може да го користи, и јас апелирам тоа да се случи, е барање за помилување од претседателот Стево Пендаровски. Максимална поддршка за Петар во неговата борба. Апсолутно тука треба да се таргетира претседателот, изјави Митровски.

Петар Матовски, смета дека во неговиот случај се работи исклучиво за непознавање на темата индустриски коноп.

– Јас Петар Матовски сум неправедно осуден на две години затвор, затоа што сакав да бидам научник. Мојот магистерски труд „Зголемување на конкурентноста на македонскиот земјоделски сектор преку проучување на економичност и организација на производство, маркетинг и цели на растението индустриски коноп“ беше во соработка со Факултет за земјоделски науки и храна и ги известив сите релевантни институции, изјави Матовски.

Toj посочи дека за отпочнувањето на магистерскиот труд, самиот ги известува Државниот инспекторт за земјоделство, како и министерствата за здравство, за внатрешни работи, за земјоделство, шумарство и водостопанство.

– Основата за осудата се две спротивставени вештачења на МВР и на одбраната. Да се обидеме да го најдеме доказниот материјал за да направиме супервештачење за заеднички да утврдиме што значи семенскиот материјал канабис сатива л, повика Матовски.