Заробените умови не останаа во минатото


ЕРОЛ РИЗАОВ

Заробената држава од еднодеценискиот режим на Никола Груевски се ослободи пред три години со мирна бескрвна револуција, но заробените умови не останаа оковани во минатото. Тие се живи, деновиве ги береме нивните отровни плодови во период кога напредниот свет и нашите идни сојузници ни даваат целосна поддршка на патот кон иднината. Сеат омраза и недоверба на прагот на најголемиот успех на Македонија во поновата историја.

Ги препознаваме лесно оти тие се јасно видливи, се гордеат со својата заостанатост и зачауреност на рамниште од пред стотина и кусур години. Тоа е тој матеж и мил кој со години и децении ја загадува не само човековата околина, туку и среќата на сите граѓани. Експлозијата од емоции и незнаење во тие глави стануваат големо зло секогаш кога на повидок е историски исчекор. Македонија, пред најголемата победа 75 години по антифашистичката војна и АСНОМ, повторно е соочена со гниеж кој се храни и „пие од канализацијата на историјата“. Тие тоа го викаат патриотизам, исто како наследниците на десничарските јужноамерикански диктатури. Од нив поопасни и поголеми штеточинци се само тие што ги знаат добро работите, а манипулираат токму со тој дел од јавноста која е со години нивна жртва и тесто за месење.

Членството во НАТО и во Европската Унија е епохално достигнување чии димензии се толку големи и значајни што ја оправдуваат секоја жртва на тој трнлив пат на кој ќе проголтаме голема горчина додека стасаме во европското семејство, кога конечно престанува опасноста за опстанок на државата и почнува вистинскиот развој. Преговорите со ЕУ во наредните осум, десет или петнаесет, па и повеќе години, зависи од нас колку ќе траат, ќе биде најтешката работа што ќе им падне во света обврска на повеќе сегашни и идни генерации. Остварувањето на таа цел да се има чиста, убава, стабилна, демократска и економски просперитетна и европска држава е највозвишениот патриотизам. Тектонските историски процеси и промени имаат свои закономерности. Или можат да се забрзаат со мудра политика и храбра работа на целото општество, или да се задушат во меѓусебни кавги и сеење омраза како задолжителен предзнак на распаѓање и исчезнување на државата. Ова е време кога политичките лидери, граѓаните, интелигенцијата, целото општество треба да се мобилизира кон единствената цел: европеизација на Македонија.

Трката за власт во наредните години има смисла само ако е насочена кон тоа кој побрзо и поквалитетно ќе ги исполни обврските кои произлегуваат од поглавјата на Брисел. Таму е запишано сè што треба да се заврши, сè она за што сега се води партиска војна со сеење омраза, но и сè она што е оправдана критика на потезите на власта и на опозицијата. Во тие домашни задачи се на прво место и демократските процеси и владеење на правото и правната држава, човековите права и слободи, функционирањето на администрацијата и на институциите на системот, економијата, културата, науката, инфраструктурата, стандардот, образованието, здравството, екологијата и човековата околина, земјоделството и уште илјада и една задача од интерес на граѓаните и на државата. Широко поле за политички и секаков друг натпревар и на партиите, но и на граѓаните во конкурентниот и голем европски пазар.

Има неколку прашања чии одговори ги откриваат големите лаги и прелаги со кои најсилно се бомбардира јавноста во Македонија во овие мигови кога ја гледаме и слушаме за првпат толку јасно поддршката на Европа и на Америка и на многу други влијателни земји и државници, јавни личности и мислечки луѓе. Прашајте ги тие наши патриоти дали е можно членството во НАТО и преговорите со ЕУ да се одвиваат успешно без потпишаните и ратификувани договори со Грција и со Бугарија, конечно и со сите соседни земји и без поддршката на Америка. Можат ли да ги водат тие преговори луѓе, политичари и партиски послушници, кои не ги признаваат тие договори и кои во битките за власт проповедаат дека тие ќе направат подобри договори со соседите. Ќе ви одговорат со прашање: а која е цената за влез во НАТО и во ЕУ со промената на името на државата, на националниот идентитет, на историјата, на националната припадност на Гоце Делчев и други македонски дејци, на непризнавање на македонскиот јазик, државјанство, културни достигнувања и уште серија прашања, со задолжителна лага: „И ние сме за ЕУ и за НАТО ама не по оваа цена“.

Малку утре вие сте за ЕУ и за НАТО со политика на ем шуто, ем боде. Лесно е да се изигрува атомска велесила од Табановце до Гевгелија. Тоа што клучниот збор од името на државата Македонија, единствена во светот со тоа име, станува светски призната тоа за нив не е аргумент. Сите четири досегашни додавки на името Македонија, федерална, народна, социјалистичка и поранешна југословенска, се сменети во период од 75 години откако имаме парламентарна држава, а како костанта остануваат непроменети само зборовите Република Македонија. Така е и сега со името Република Северна Македонија. Досега не слушнавме дека барем еден човек си го сменил идентитетот, или националната припадност откако е потпишан Договорот со Грција. Не видовме ниеден документ во кој е поништено македонското државјанство или припадноста на македонска нација. Дали некој друг освен ние го негира современиот македонски јазик и дали некој побарал да се избрише од графата на јазици во Обединетите нации. Никој. Македонскиот јазик го бришат секој ден тие што ништо не читаат од творештвото на мајчиниот јазик, а не си го ни знаат сопствениот јазик ниту творците на литературниот јазик, а знаат да ги навредуваат јавно големите дејци кои го создале современиот литературен јазик.

Следното болно прашање ептен податливо за манипулација е опасноста од бришење на македонската историја и чиј е Александар Македонски и чиј е Гоце Делчев, чиј е цар Самуил и чии се цела плејада антички и македонски дејци и револуционери од поновата историја. И тука ги гледаме тажните наслаги и последици од пустошот што го оставиле балканските политики и политичари, цареви и кралеви врз свеста на своите граѓани. Сите балкански држави за исти настани и личности имаат големи политички и идеолошки фабрики за производство на историја илјада пати поголемо од бедата по глава на жител. Историјата не можат да ја пишуваат владини и државни комисии па макар биле составени од најстручни луѓе. Историјата не може да се брише. Никој не може да го промени минатото. Може да се фалсификува и разубавува. Сите сакаат пославно минато.

Инстант историјата, од типот направи сам, не е непознаница во многу земји, дури и во најдемократските. Но, научните истражувања никој не може да ги сопре. Тие, порано или подоцна, го наоѓаат патот до вистината според строгите научни дисциплини на помошните историски науки. Лагите и фалсификатите не можат да траат вечно. Не можат политичарите и разни комисии да ги запрат научниците во својата работа. Она што можат и треба да го направат политичарите и владите е да се отстрани омразата и тензиите меѓу соседите и народите поради погрешни политики и историски фалсификати, па ако сакате и поради вистини, ако тие се употребуваат со омраза кон сегашните генерации за нешто што се случувало во далечното и поблиско минато.

Историјата е полна со примери на личности што припаѓаат на повеќе народи и култури без оглед на нивната национална припадност. Во наредните години на преговори со ЕУ и ние и соседите има шанса да научиме дека уцените и притисоците не можат да направат одржлив договор. И Бугарите и Македонците треба да се верува дека ќе ја осознаат бесмислата од обидите да влезат во главите на заедничките историски личности кој живееле и се бореле пред повеќе од сто години за автономна и независна Македонија, било да се изјаснувале во различни тогашни ситуации како Македонци или Бугари, сеедно.