Запуштената површина на плоштадот „Македонија“ се преуредува во зелена оаза
Просторот на централниот плоштад „Македонија“ во Скопје, кој изминатите години беше запуштен и меѓу граѓаните познат како „ливада“, се наоѓа во фаза на целосно хортикултурно и инфраструктурно уредување, соопшти градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Според информациите, на просторот веќе се изведуваат активности за поставување ново зеленило и хортикултурно обликување, со цел површината да се претвори во уреден зелен парк што ќе се вклопи во амбиентот на градскиот центар.
– Покрај зеленилото, градежните екипи започнаа и со санација на оштетената пешачка инфраструктура. Се заменуваат подните плочки, комплетно се променети оштетените плочки на пешачкиот потег кон Порта „Македонија“, а од следната недела реконструкцијата ќе продолжи и на преостанатите оштетени делови од плоштадот. Се обновува и подната фонтана. Паралелно се одвиваат и интензивни градежни и технички работи за целосно обновување и ставање во функција на подната фонтана – информираше Ѓорѓиевски.
Тој објави и дека целта на овие активности е централниот градски простор повторно да добие уреден, современ и репрезентативен изглед.






