Запознајте го Амар Мециновиќ – најмладиот кандидат за градоначалник на Скопје
Неговата кампања, во трката меѓу 16 кандидати, се разликуваше од тоа што вообичаено го гледаме и слушаме од Левица
Амар Мециновиќ од Левица ќе се соочи со Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ во вториот круг од локалните избори, како кандидат за градоначалник на Скопје.
Чаирското дете, кое со остри реплики и издржани аргументи се спротивставуваше на советници во Град Скопје од 2022 до 2024 година, особено кога се дебатираше за јавниот превоз во главниот град. Со оглед на тоа што тој е редовен корисник на овие линии, неговите дискусии стигнуваа до голем број граѓани, кои секојдневно се соочуваа со нередовниот и непристоен градски превоз.

Сепак, неговите аргументи не допреа до мнозинството советници во градот, па градскиот превоз остана без подновен возен ред и без поредовни и побројни линии кои го поврзуваат јужниот со северниот дел на градот.
Влегувањето во вториот круг на Амар Мециновиќ, кандидат на опозициската Левица, за избор на градоначалник на Град Скопје, е едно од најголемите изненадување на овие локални избори.

Неговата кампања, во трката меѓу 16 кандидати, се разликуваше од тоа што вообичаено го гледаме и слушаме од Левица. Со општествено ангажирани спотови, пласирани само на социјалните мрежи, откако на оваа партија ѝ беше оневозможено да се рекламира на традиционалните медиуми, со засукани ракави или гитара во раце, неговиот лик ги освои симпатиите на скопјани, па му дадоа доволно доверба за да трча во вториот круг.
Политички ангажман
Мециновиќ е најмладиот кандидат за градоначалник на Град Скопје на овие локални избори.
Роден е на 1996 година во Скопје. Тој е актуелен пратеник на Левица во македонското Собрание.

Во 2022 година стана член на Советот на Град Скопје. Во 2024 година стана пратеник на Левица во македонското Собрание, како кандидат од втората Изборна единица. Тој е член на Президиумот на Левица, кое е највисокото раководно тело на партијата.
Мециновиќ е и портпарол на партијата.
Образование
Завршил Правен факултет на Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје. Таму и завршил додипломски на политички науки. Со политика почнал да се занимава уште додека бил студент. Освен што е политиколог, тој е и активист за социјална правда.

Приватен живот
Како што може да се види на неговиот Фејсбук профил тој е љубител на планинарењето.
По потекло е од скопски Чаир, а како што посочува во интервјуа направени периодов потекнува од семејство со скромни примања.
За време на средношколските денови работел секакви физички работи: на бензинска пумпа, како градежен работник, како курир. Во студентските денови работел во кол-центар. Потоа пишува новинарски текстови, како фриленсер, а ги објавувал на платформи за фриленсери. (Б.Б.)