Започнува Винодонија 2024 – избор на вина и деликатеси од земјата и странство


Уште само неколку часа остануваат од почетокот на Винодонија 2024,  вински настан во Македонија, кој и годинава ветува незаборавно искуство за сите љубители на виното. Салонот ќе се одржи во хотел Мериот, во Скопје, а ќе биде отворен за посетители денес (петок) и утре (сабота) од 15 до 21 часот.

Со повеќе од 70 вински брендови кои ќе изложат над 500 вински етикети, Винодонија 2024 ветува незаборавно винско патување. Посетителите ќе имаат можност да ги вкусат најдобрите вина од Македонија и странство, додека 15 гастро-изложувачи ќе ги надополнат елегантните вински моменти со ексклузивни деликатеси.

Интернационалниот карактер на Винодонија 2024 се огледува во присуството на винари и експерти од различни земји, кои ќе ги споделат своите најдобрите вина и најнови трендови во светското винарство. Оваа година, покрај македонските вина кои ја раскажуваат приказната на нашите лозја, посетителите ќе имаат можност да дегустираат и врвни вина од регионот и пошироко.

Водечкиот карактер на Винодонија 2024 ќе дојде до израз и преку едукативните работилници и предавања. Еминентни експерти од винската индустрија ќе споделат свои знаења на специјални мастер-клас дегустации и интерактивни сесии, кои се наменети за сите – од искусни вински познавачи до оние кои сакаат да ја продлабочат својата љубов и разбирање за виното.