Таткото на Вања и Палчо во иста судница – почна судењето за двојното убиство

Испланирале грабнување на 14-годишното девојче со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп


Од почетокот на судењето за довјното убиство (Фото: Б. Грданоски)

Во Основниот кривичен суд Скопје денеска започнува судењето за двојното убиство на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски.

Обвинетите за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски седнаа на обвинителна клупа. Денешното судење ќе се одржи, ќе се дадат воведни говори, но и обвинетите ќе се произнесат за вина. За првпат, во судница седна Љупчо Палевски-Палчо, првоосомничен како планер и реализатор на убиствата.

Велибор Манев беше единствениот кој го криеше својот лик додека медиумите правеа видео-инсерти. Во судница со Палчо, седна и Александар Ѓорчевски, татко на убиената Вања.

Судот на почетокот на денешното судење не го прифати предлогот на Обвинителството за исклучување на јавноста.

Имено, јавната обвинителка пред воведните зборови со предлог за исклучување на јавноста од целата главна расправа. Ова го побара поради заштита на приватниот живот на оштетената Зорица, мајка на починатото дете Вања Ѓорчевска.

Од страна на полномошникот на оштетената Зорица и сестрата на Вања Ѓорчевска поднесено е барање до обвинителството за исклучување на јавноста од целата јавна расправа имајќи ги предвид, силното медиумско известување, кое придонесло кон продлабочување на болката и стравот кај мајката и сестрата на Вања.

Претходно пишувавме дека, Судечкиот совет при Основниот кривичен суд Скопје месецов донесе одлука за спојување на постапките на обвинетите, откако Основното јавно обвинителство најпрво поднесе обвинение против четири лица, а потоа и за првоосомничениот Љупчо Палевски за кого се чекаше екстрадиција од Турција, за двојното грабнување и свирепо убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес.

Според обвинението, тие заедно испланирале грабнување на 14-годишното девојче со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп.

На 22.11.2023, обвинетиот заедно со уште тројца претходно обвинети заеднички извршиле грабнување на оштетениот Панче Жежовски во Велес, со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.

Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.

Во врска со овој случај е осомничено уште едно лице за помагање по извршување на кривичното дело против кого постапката ќе се води одвоено.