Започна расчистувањето на депонијата во Ново Село, Скопско
Градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Стојкоски денеска беше во увид на подготвителните работи за расчистување на депонијата во Ново Село, еден од најголемите еколошки проблем на ѓорчепетровци и скопјани.
Како што соопшти тимот за односи со јавност на градоначалникот, на ова место прво се расчистува теренот, којшто се обезбедува со поставување на потребната опрема и механизација.
Стојкоски посочи дека со овој проект ќе се елиминира горлив проблем за граѓаните.
– Почнавме со зафати за нејзино расчистување и конечно решавање на целиот проблем што го имавме изминатите години. На овој простор од денеска започнуваат активности за нејзино санирање. Откако ќе заврши санацијата со одлагање на отпадот од оваа локација во депонијата „Дрисла“, во соработка со Градот Скопје, ќе пристапиме кон уредување на просторот, како и зазеленување, формирање на паркови на овој дел од Ѓорче Петров. Со тоа се надевам дека ќе имаме голем придонес кон функционирањето на месното население кое трпи последици, како и поширокиот дел од Ѓорче Петров. Воедно граѓаните ќе добијат и нова зона за рекреација и место каде што ќе можат да ги поминуваат слободните активности, истакна Стојкоски.
Градоначалникот на Ѓорче Петров посочи дека треба да се продолжи заштитната ограда, за да се оневозможи физичкиот пристап на лицата кои одлагаат отпад. Во делот на физичката заштита ќе има чуварска служба, а се планира, зависно од набавките за наредната година, да се обезбеди и видео мониторинг, но и зајакнување на капацитетите на инспекциските служби.
– Планираме да бидеме координирани во нашите активности, се со цел за изнаоѓање на функционални, трајни и одржливи решенија. Отпадот ни претставува голем проблем во Ѓорче Петров и другите општини од она што го имам како сознание од колегите градоначалници во другите скопски општини. Ние ќе мораме заедно да изградиме посебна стратегија до конечно решавање на овој проблем, посочи Стојкоски.
На увидот присуствуваа и советници од ВМРО-ДПМНЕ и претседателката на Советот на општината, Ленче Нелоска.
Оваа активност ја спроведува Ѓорче Петров во соработка со Градот Скопје.