Започна процесот на воведување „Договори за разлика“, нов модел за инвестиции во обновливи извори на енергија


KV_IPSOS_2025

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС) во соработка со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) го започна процесот за воведување на механизмот „Договори за разлика“ (Contract-for-Difference – CfD) како нов модел за поддршка на инвестициите во обновливи извори на енергија.

Моделот CfD, веќе докажан низ ЕУ, велат од МЕРМС, ќе ги забрза инвестициите во капацитети за обновливи извори на енергија, а истовремено ќе ги заштити потрошувачите од нестабилноста на пазарот.

На денешниот прв состанок, министерката Сања Божиновска истакна дека CfD не е само финансиски инструмент, туку системска промена што обезбедува стабилност за инвеститорите и заштита за потрошувачите.

-Со оваа реформа поставуваме предвидливи и одржливи услови за инвестиции во соларни и ветерни капацитети, со што ги забрзуваме нашите амбициозни цели – 1,7 гигавати обновлива енергија до 2030 година. CfD механизмот создава сигурност, пониски трошоци и конкурентен пазар, што е клучно за забрзаната транзиција кон чиста енергија, изјави Божиновска.

Со поддршка на ЕБОР и експертиза од меѓународни партнери, посочуваат од МЕРМС, земјава ќе го приспособи овој механизам на локалниот енергетски пазар, отворајќи нови можности за инвеститорите. Очекувањата се дека ова ќе доведе до забрзан развој на обновливите извори и стабилни долгорочни цени за потрошувачите.

Процесот на подготовка продолжува во наредните месеци, со детална анализа на регулативата и финансиските аспекти, со цел да се создаде модел што ќе донесе реални и одржливи резултати за македонската енергетика.