„Записи од надземјето: клетии“- нова книга од Божин Павловски

„Записи од надземјето: клетии“ е насловена книгата од академик Божин Павловски што ја објавија Македонската академија на науките и уметностите и „Матица македонска“ која е втора со записи на авторот од ваков вид, откако неодамна беше објавена „Записи од надземјето: чудесии“. Како што соопшти „Матица македонска“, новата книга на Павовски е „своевидна историја на македонската општествена, политичка и културна стварност во XXI век.
Во соопштение за објавувањето на книгата, посочува дека „Записи од надземјето: клетии“ е „силна потврда за нераскинливата врска на академик Божин Павловски со Македонија“ и дека иако живеел во Австралија, „некогаш физички одалечен илјадници километри, од неа се чита дека македонската стварност тој ја согледувал и анализирал подобро, посуштински и покритички од многумина“.
Книгата „Записи од надземјето: клетии“ и претходната „Записи од надземјето: чудесии“ се дел од собраните дела на академик Божин Павловски во 26 тома, во издание на МАНУ и „Матица македонска“.
-Во текот на овој месец, „Матица македонска“ има акција во која сите книги што се однесуваат на македонскиот национален идентитет се достапни по половина цена, а до крајот на август ќе објави и уште неколку нови книги што се однесуваат на важни прашања за Македонија, за нејзината историја и за нејзината сегашност, се додава во соопштението.