„Записи од надземјето: чудесии“ – Нова книга од Божин Павловски 


 

МАНУ и „Матица македонска“ ја објавија книгата „Записи од надземјето: чудесии“ од академик Божин ПавловскиСтанува збор за книга со записи коишто не се само огледало на повеќедецениската опседнатост на Павловски со македонските работи како што има нагласено академик Гане Тодоровски, туку се и изворници на факти и ставови што се клучни за македонската историја, особено за периодот непосредно пред и по осамостојувањето на Македонија до денес. 

Ова е прва книга на Павловски од ваков вид, записи во кои се преплетуваат публицистичкото и документарното со белетристичкото мајсторство, но е резултат на неговата целоживотна посветеност како активен чинител, гласен, остар и објективен критичар на македонската општествена стварност, а не нем набљудувач на настаните.

– Незамисливо е творецот да биде исклучен од настаните што ја одбележуваат неговата епоха. Во нашиов случај, кога транзиционите процеси им се закануваат на основните вредности, недозволено е да се молчи или премолчува. Треба да се искористат сите изразни форми за да се влијае на прогресот, како што ќе нагласи и самиот Павловски.

Со објавување на своите записи, како одделен жанр, покрај расказите, а потоа и романите, Божин Павловски започнува уште во 1962 година, а своите први вистински колумни ги има објавено во 1988 и 1989 година. Од тој перод наваму, Божин Павловски, неуморно, со години алармира, апелира и анализира, во неговите записи за коишто меѓу првите афирмативно се има изјаснето академик Георги Старделов. Македонската јавност, сега, преку книгата „Записи од надземјето: чудесии“ за првпат има можност голем дел од тие записи да ги прочита на едно место, а со тоа и да има поцелосна слика не само за ставовите и улогата на Павловски во изминатите децении, туку и за македонската реалност.