„Замрзнатиот“ леб на рафтовите повеќе го нема отколку што го има

Инспекторите ќе имаат многу работа да проверат дали пекарниците се придржуваат до одлуката на Владата. Во маркетите денеска тешко се наоѓаа основните видови леб


 

Денешната проверка во повеќе големи супермаркети покжа дека инспекторите ќе имаат полни раце работа да пропверат дали пекарниците навистина се придржуваат кон одлуката на Владата, што ја прифатија, 80 отсто од нивното производствода биде од бел и полубел леб. И тој да се продава за 33 денари.

Во повеќето случаи, како што проверивме, белиот и полубелиот леб го имаше (а некаде го немаше) но речиси во обратна пропорција – векните беа во значително помал број од оние кои се продаваат од 50 денари па нагоре. Така е со производите на „Жито лукс“ – белиот сечен леб (веројатно најпродаваниот нивен производ) речиси го немаше. До пред замрзнувањето на цената со такви векни беа преплавени раготвите. Слично беше и во пекарите на „Специјал“ – таму можеа да се најдат различните видови леб со други имиња кои се од педесетина денари и поскапи. Продавачите велат дека белиот и полубелиот леб се продал многу рано изутрината, што порано речиси и да не беше случај. Колкав процент од полубел и бел леб се на рафтовите на маркетите треба да проверат инспекциските органи.

Пекарската индустрија вчера се согласидека ќе почне да испорачува бел и полубел леб од 33 денари, но и дека ќе поведе и судска постапка за наплата на штетата од владината одлука за замрзнувањето на цената. 

Претседателот на Групацијата на мелничко-пекарската индустрија Горан Малишиќ, рече дека „битката со Владата продолжува на правна основа. Одлуките што таа ги донесе на месечно ниво ни прават штета од преку 1,5 милиони евра. Во наредните три месеци ќе бараме начин да опстанеме, а од утре ќе почнеме да испорачуваме леб за да им излеземе во пресрет на граѓаните“, потенцира Малишиќ.

Според него, Владата воопшто немала чувство за новонастанатата ситуација и уништувала една од основните индустрии во земјата и одлуката за замрзнување на цената ја нарече „безумие“.

Но Маличиќ на новинарите не им одговори на прашањето колку чини еден леб и како е можно на пекарите во Штип да им се исплати, а во Скопје да не им се исплати да продаваат леб за 33 денари. Тој им порача на новинарите да ги прашале штипските пекари.

„Секоја компанија си има свои пресметки во зависност од големината, од вработените. Никој не може да тврди колку чини еден леб. Тоа ако е така сите ќе отворат пекари и ќе мислат дека има профит. Тоа компаниите може да ви кажат, има вработени по 200, 300, 400… прават разни лебови, лебовите не чинат исто ако се бел или полубел, квалитетот е различен, пакувањата се различни, дистрибуцијата е различна, залихите се различни. Значи нема одговор на таквото прашање“,  рече тој.

Во соседството цената на лебот речиси секаде е помала отколку во Македонија. Лебот во Албанија поскапе за 20%, па и сега жителите на оваа земја го купуваат по цена од 0,51 евра (32 денари). Лебот во Србија поскапе за четири отсто повеќе од Албанија, а граѓаните за него плаќаат 0,49 евра (30 денари). Таму цената на основниот леб „Сава“ од 30 денари е замрзната до 30 јуни.

Хрватска лани беше меѓу петте земји од ЕУ каде лебот поскапе најмногу, а по воведувањето на еврото следеше нов бран поскапувања. По последниот бран поскапувања, во кој цената на лебот, според пресметките на пазарната инспекција, се зголеми за петнаесет отсто, ќе платите меѓу 1,3 и 1,6 евра за векна обичен бел леб од 750 грама. (Н.В.)