Заминувањето на Алан Форд

На крајот на годината ќе престане излегувањето на култниот стрип на овие простори. За неколку генерации луѓе во Југославија тој беше незаменлива литература


Информацијата за прекинувањето на објавувањето на стрипот „Алан Форд“ на крајот на оваа година, која ја сподели сега осумдесет и четиригодишниот Лучијано Секи, попознат како автор на стрипот Макс Бункер, по повод објавувањето на 650. број, мораше да дојде еднаш. И тоа сигурно ќе ја зголеми продажбата на последните десет изданија што следат. Aко Секи не го најавеше сега, законот на биологијата сигурно ќе доведеше до ова, дури и ако не е исклучено дека во блиска или далечна иднина некој од новите автори ќе се обиде да ги оживее Алан Форд и другите херои од Групата ТНТ.

Но, веќе нема да биде исто, туку нешто сосема поинакво, исто како што сè што следеше по првите и култни 75 броеви, почнувајќи од 1969 година, кои ги напиша заедно со карикатуристот Роберто Равиола, попознат под псевдонимот Магнус.

И колку што светот без Алан Форд би бил незамислив, нема подобра прилика повторно да се слуша љубовната класика на опатиската шансониерка Бети Јурковиќ, „На сѐ му доаѓа крај“, на текст и музика на Алфи Кабиљо. Со таа разлика што на овие простори сме болно свесни дека тоа може да важи и за љубовта и пријателството и култните стрипови и драги луѓе, но не и за карикатурната реалност која изгледа потрајна од бетон.

Парадоксално е што токму оваа стварност, која наликуваше толку многу на светот на Групата ТНТ, во исто време го овозможи големиот успех на стрипот во Југославија, за кој брилијантно пишуваше Лазар Џамиќ во книгата „Цвеќарницата во Куќата на цвеќето“ и по што пишувањето на оваа тема секогаш е во опасност да се сведе на повторување на општите работи.

Ако во минатото имало сериозни конфликти, а имаше, а веднаш потоа судири околу толкувањето на минатото, што исто така се, меѓу Југославија, односно пред сѐ Хрватска и Далмација, и Италија, имаше четири работи кои успеаја да ги санираат тие работи. Првиот е секако туризмот, а другите три се однесуваат на три поп-културни феномени: Веспа, Санремо и Алан Форд. И ако Веспа и Санремо станаа првата асоцијација со визуелниот изглед на Сплитската Рива и Сплитскиот фестивал, „Алан Форд“ беше првата асоцијација во југословенскиот свет со Загреб, „Вјесник“ и литературниот хрватски јазик, невообичаено и малку користен во остатокот на земјата. Со други зборови, и тоа е општо место, но навистина неизбежно, преводот на Ненад Брикси влијаеше на приемот на „Алан Форд“, веројатно во иста мера како и реалноста на Групата ТНТ.

А потоа дојде распадот на земјата, па војната, па од импресумот исчезна самоуправниот префикс НИПРО, од денешните генерации на непознат јазик, што беше кратенка од Новинско-издавачка печатарска работна организација, а потоа адресата на која се наоѓаше „Вјесник“, која од Авенија „Братство и единство“ се претвори во „Славонска авенија“, потоа „Алан Форд“ се пресели во приватни издавачи, а на крајот „Вјесник“ исчезна, оставајќи го само монументалниот негов облакодер на архитектот Антун Улрих од 1972 година и препознатливиот знак со логото. Што нè враќа на приказната за гореспоменатата Бети Јурковиќ, бидејќи Антун Улрих беше татко на нејзиниот сопруг и композитор Борис.

Меѓутоа, ако безболно ја преживеавме разделбата на Макс Бункер и Магнус по првите 75 изданија на нашите југословенски простори, тоа не го направивме со Југославија. Да, „Алан Форд“ продолжи да се објавува, дури и во други преводи, и во киосци и во колекционерски изданија, и да, главно продолжија да го купуваат и читаат оние што пораснале на него пред војната и во друга ера, многу помалку новата генерација, но тоа веќе не беше тоа.

Она што е особено интересно во целата приказна е фактот дека „Алан Форд“ беше сакан, а неговите култни цитати биле меморирани од различни луѓе, а згора на тоа, со дијаметрално спротивставени идеолошки и естетски профили, што феноменолошки најмнуги му се приближија Џони Штулиќ и „Азра“. на идентичен начин еднакво популарни кај значително различни луѓе. И Штулиќ и „Алан Форд“ беа естетски високо културни работи, што е тема која не е сериозно социолошки и културно третирана во овдешната хуманистика и публицистика.

На крајот, покрај сите општи места, смешни цитати, натписи на маичките на Грунф, карикирање на романтизирањето на сиромаштијата и несомнениот култ на лидерот, ми се чини дека сепак вреди да се издвојат Приказните на Број 1, односно неговите карикатурни прикази на историските митови и настани, кои се особено потребни во овие наши општества.

Затоа, ако некој некогаш решил да го оживее стрипот и неговите ликови, би било исклучително лековито тоа да го направи преку Приказните на Број 1 за големите историски теми на нашите народи и националности. Бидејќи хуморот е единственото нешто што ни остана.

(Драган Марковина е хрватски историчар. Текстот е објавен во „Пешчаник“.)