Заменикот на Захариева ги испрати во изолација и неа и Хајко Мас и Михаил Рот


Шефот на германската дипломатија Хајко Мас ќе мора повторно да оди во двонеделен карантин по состанокот со неговата бугарска колешка Екатерина Захариева и нејзиниот заменик Петко Дојков во Берлин во понеделникот. На состанокот беа присутни и македонскиот вицепремиер Никола Димитров и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, но тие ќе продолжат со вообичаената рутина.

Бугарското МНР денеска соопшти дека Дојков е позитивен на корона вирус, па во изолација веднаш замина и Захариева. Друштво на Мас ќе мора да му прави и министерот за Европа во германското МНР, Михаел Рот. Како што соопшти германското МНР, во изолација заминуваат и други вработени во министерството кои присуствувале на средбите. Првиот тест на Мас бил негативен на корона вирус. Во соопштението на германското МНР воопшто не се споменуваат темата и учесниците на состанокот поради кои министерот заминува во карантин.

Од друга страна, ниту еден член од македонската делегација којшто присуствуваше на состанокот во Берлин со бугарските колеги нема да оди во изолација.
Вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров и министерот за надворешни работи, Бујар Османи нема да одат во изолација по извршената епидемиолошка проценка на ризик. Ваков заклучок донела Комисијата за заразни болести. Но, поради меѓународните контакти кои во иднина ќе ги има Димитров, тој ќе се тестира превентивно.

Захариева, која ја предводеше делегацијата го чека резултатот од нејзиниот ПЦР-тест. Како што соопштија од бугарското МНР, таа нема симптоми и е во добра општа состојба. (Дојче веле)