Српското обвинителство го проверува имотот на белградскиот градоначалник Шапиќ, побарани информации од Италија за недвижности во Трст
Белград – Третото основно обвинителство во Белград го проверува имотот и приходите на градоначалникот на српската престолнина Александар Шапиќ, по пријава од Агенцијата за спречување корупција за непријавување имот и приходи или за доставување неточни податоци – објави српската национална телевизија РТС.
Обвинителството подготвило барање за меѓународна правна помош до надлежните италијански органи во врска со недвижности во Трст, што се споменуваат во пријавата, пренесе телевизијата. Документот, кој е доставен до овластен преведувач за превод на италијански јазик, содржи барање за информации за сопственоста, површината, вредноста и начинот на стекнување на имотите.
Побарани се и податоци за банкарски сметки, движењето на средствата на нив и трансакциите кон странство, вклучително и нивниот износ, примателите и основата за исплатите, со цел да се утврди потеклото на парите искористени за купување на недвижностите.
Од обвинителството наведуваат дека предметот го добиле на 31 декември 2025 година од специјализираното одделение за борба против корупцијата при Вишото обвинителство во Белград. Во доставените материјали немало информации за претходно преземени дејствија за проверка на наводите во пријавата.
По добивањето на одговорот од италијанските власти, обвинителството ќе ги анализира информациите и документацијата заедно со доказите собрани во Србија и ќе оцени дали постојат законски основи за кривично гонење на Шапиќ, наведува РТС.
Проверката се спроведува во рамките на претходна истрага според членот 101 од српскиот Закон за спречување корупција. Засега обвинителството не соопштило дека е поднесено обвинение против белградскиот градоначалник.
Вчера, белградскиот градски совет ја отфрли иницијативата на опозицијата за разрешување на Александар Шапиќ од градоначалничката функција, откако 34 советници гласаа за негово разрешување, еден беше против, а претставниците на мнозинството во технички мандат од Српската напредна партија (СНС) и Социјалистичката партија на Србија (СПС) го бојкотираа тајното гласање, потсетува регионалната телевизија Н1. Иницијативата беше поткрепена со потписите на 41 опозициски советник, по тврдењата на градската советничка од движењето „Крени-промени“, Тања Мичиќ, дека Шапиќ ја нападнал и ја повредил кон крајот на септември.