Заменик-министерот за култура од Алтернатива не е на листата за разрешување


 Заменик-министерот за култура Даим Лучи, кој е избран на предлог на Алтернатива, не е на листата за смена, со оглед на тоа што Ковачевски предложи разрешување на тројцата министри и двајцата заменик-министри од редовите на партијата на Африм Гаши, пишува порталот „360 степени“.

Дали отсуството на предлог за разрешување на Лучи може да се смета како индикација дека тој е кадровско решение на пратеникот Скендер Реџепи Зејд, кој на 11 јуни минатата година ја напушти Алтернатива и оттогаш во законодавниот дом дејствува како независен пратеник? И дали ова значи дека Реџепи Зејд денеска ќе гласа „за“ предложената реконструкција на Владата? 

Предлогот за реконструкција на Владата  ќе се најде пред пратениците денес попладне. Во предлогот до Собранието за реконструкција на Владата се предвидуваат промени на четири министерски и пет заменик-министерски позиции. Најголеми „губитници“ на министерските и заменик-министерските места се довчерашните партнери во Владата, Алтернатива, која ги губи двата ресора што ги раководеше досега – Министерството за здравство и Министерството за информатичко општество и администрација.

Премиерот Димитар Ковачевски, освен за министерските места, до Собранието поднесе предлог за разрешување и на тројца заменик-министри, од кои двајца се од Алтернатива. Станува збор за смена на досегашните заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Абдулшуќур Абедини и заменик-министерот за образование и наука Лулзим Алиу.

Инаку, Реџепи Зејд беше актуелен во јавноста при обидот за гласање недоверба на Владата во ноември 2021 година инициран од ВМРО-ДПМНЕ по победата на локалните избори. Тогаш Алтернатива сè уште не беше дел од владиното мнозинство, што се случи само три месеци подоцна. Реџепи Зејд тогаш излезе во јавноста со изјава дека се залага за уривање на власта, но не и по цена неговиот потпис да стои заедно со потписите на двајцата пратеници на Левица. По вчерашниот состанок на Централното собрание на Алтернатива, кога и официјално соопшти дека партијата ја напушта владината коалиција, Гаши зборуваше во името на тројца пратеници на Алтернатива во Собранието, не споменувајќи го Скендер Реџепи Зејд.