Законот за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство во фокусот на средбата со пратеничките од Косово
Потребна е сеопфатна политика за борба против насилството врз жените, но и развивање и подобрување на националните политики за превенција и заштита на жртвите од родово базирано насилство врз жените и семејното насилство, рече министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска на денешната средба во Собранието меѓу претставничките од Клубот на пратенички на Република Косово и Клубот на пратенички на Република Северна Македонија.
Министерката Тренчевска, како што соопшти МТСП, ги сподели искуствата од донесениот Законот за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство, при тоа посочувајќи дека Министерството и понатаму посветено работи на развивање и подобрување на националните политики за превенција.
Министерката Тренчевска информира дека во тек е изработка на прва нацрт-верзија од Протокол за меѓусебна соработка на институциите и организациите за постапување со жртви на родово базирано насилтво и на Програма за реинтеграција на жртви на родово базирано насилство, како и подзаконските акти за интегрирано собирање на податоци.
– Едно од начелата на кои се заснова новиот Закон е зајакнување на жртвите, односно жртвата има право да учествува во проценката на нејзината состојба и потреби, да биде информирана за мерките, активностите и услугите за заштита, но, да учествува и во изборот на услугите и мерките за нејзина помош, поддршка и заштита како и во активните мерки за вработување. Овој пристап е заснован на човековите права и во центар на услугите ја става токму жртвата. Остануваме посветен на борбата против сите видови на насилство и бескруполозна борба против сторителите на насилство, рече министерката Тренчевска.
Членовите на Клубот на пратенички од македонскиот Парламент и косовскиот Парламент на денешната средба ги споделиле и парламентарните практики на тема „Патот од ратификација до имплементација на Истанбулската конвенција“