Законот за климатска акција да го донесеме за нас, не заради ЕУ


Законот за климатска акција треба да се донесе и сите институции да го спроведат, заради нас, а не затоа што тоа го бара ЕУ, порачува министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини.

– Ние сме подготвени да се донесе законот за климатска акција, но нашата идеја е сите институции во земјава да бидат влучени во неговото финализирање, со цел потоа истите да бидат подготвени за негова имплементација, истакна денеска министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, коментирајќи го делот од Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава во однос на климатските промени.

Тој посочи дека не е суштината само да да се донесе одреден закон, туку е клучно тој да биде спроведен.

– Не станува збор за тоа дека не сме подготвени, но мене ми е важно како министер сите институции да го имплементираат тој закон, не само да носиме закони бидејќи ЕУ тоа го бара. Ние работиме за нашата држава и тоа е најважно, затоа треба да бидеме подготвени, потенцираше Нуредини.

Министерот додаде дека очекува до крајот на годината законот за климатска акција да биде доставен во Влада, а за најкраток можен рок и во Собрание.