Законот на СДСМ за помош на семејствата од Кочани не помина во Собранието

Само 18 пратеници денеска гласаа „за“ предлог-законот за помош на семејствата на загинатите и повредените од Кочани предложен од СДСМ. Регистрирани со присуство во Собранието беа 94 пратеници. Како главна владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ го отфрли законот.
СДСМ предложи закон за финансиски надомест за семејствата кои изгубиле член, за повредените со различен степен на инвалидитет, како и поволности во образовниот систем за децата кои губат часови поради лекување. Во истиот предлог се опфатени и семејствата од трагедиите во Тетово, Ласкарци и „Беса транс“. Партијата ги повика сите пратенички групи да дадат поддршка и да го изгласаат ова законско решение, за да покажат единство дека за вакви трагедии не треба да постои политиканство.
„Го предложивме ова законско решение затоа што не станува збор за обичен законски текст, туку за морална, институционална и човечка обврска на сите нас. Тој произлезе од големата трагедија што ни се случи во Кочани, каде што животот го загубија 62 лица, а уште 250 беа повредени. Со донесувањето на овој закон ја преземаме нашата должност како држава да не дозволиме страдањата на граѓаните да бидат игнорирани или потиснати. Со тоа институциите конечно ќе застанат зад народот по оваа трагедија. Потребна е помош и во деновите што следат, во процесот на закрепнување, со солидарност и одговорност. Поддршката преку овој закон опфаќа обештетување за сите семејства што загубиле член – по 80.000 евра во денарска противвредност. Помош ќе добијат и оние кои имаат инвалидитет“, рече пратеникот на СДСМ, Оливер Спасовски денес во Собранието.
Тој потенцираше дека со законот се предвидува добивање приоритетен пристап до здравствени услуги – како за лекување, така и за рехабилитација – при што сите услуги ќе бидат покриени од државата, како во земјата, така и во странство. Исто така, се предвидуваат и измени во трудовото право: секој родител што има повредено дете да има право на неплатено отсуство. Оваа социјална поддршка е исклучително важна и значајна.
Од ВМРО-ДПМНЕ изминативе денови нагласија дека нема да го поддржат предлог-законот велејќи дека „нема полицемерно од тоа СДСМ и Филипче да поднесат закон за Кочани, затоа што тоа е исто како да поднесат закон за модуларната болница во Тетово или за враќање на името“. Нивниот план за помош за засегнатите од трагедијата преку удвојување на средствата од Владата за помош на општина Кочани и реализација на проекти.