Закажано судењето против Жан Митрев


Советот за оценка на обвинителниот акт го одобри обвинението против Жан Митрев и неговата приватна болница  и  го закажа првото судско рочиште на 28 февруари.

 

-Ценејќи ги сите приложени факти и аргументи на странките донесе решени со кое актот го одобри во целост. По одобрениот обвинител акт, оформен е кривично правен предмет со К.бр. 349/23 кој согласно АКМИС системот е распределен кај судија на понатамошно постапување и насрочен е термин за главна расправа на 28.02.2023 година во 09:30 за што ќе бидат испратени покани до странките, соопштија од Кривичниот суд.

Според обвинителниот акт, се работи за кривично дело “Измама”, за што е предвидена казна затвор од 1 до 10 години. Според обвинителството, се прикривале клучни факти и на тој начин е создадена заблуда кај пациентите, кои се лекувале во болницата

Целта на обвинителството е докажување дека обвинетиот, во случајот Жан Митрев сакал да ги доведе во заблуда за прибавување противправна корист.

Од клиниката „Жан Митрев“ соопштија дека очекуваАТ јавен и транспарентен процес низ којшто ќе докаже невиност во однос на сите обвинувања кон доктор Жан Митрев и кон клиниката.

– Вистината е на наша страна, обвинението е целосно неосновано и тоа ќе го докажеме и институционално. Очекуваме брз и транспарентен процес на кој преку јасни и јавни информации, сведоштва и доказен материјал ќе се утврди вистината дека ниту еден пациент не бил измамен – тврдат од Клиниката. Оттаму уверуваат дека за време на ковид-пандемијата клиника и персоналот одиграле, како што потенцираат, херојска улога.

– Овој срам и напади кои ги доживуваме нека им служат на чест на нарачателите. Хемофилтрацијата како метод ја користевме за лекување на последици од ковид-19, но не и како лек за ковид. Бесмислени се наводите на ЈО во Обвинителниот акт. Уште еднаш потенцираме дека Клиниката и во најтешките периоди работеше според сите меѓународни стандарди, транспарентно и во согласност со утврдени и дозволени методи за лекување. Се ова ќе го докажеме и на суд, а сметаме дека јавноста целосно не поддржува и дека пред нејзе нашата правичност е јасна – се вели во соопштението од „Жан Митрев“.