Закажана, па откажана комисиската расправа за амбасадорите

Расправата на Комисијата за надворешна политика, на која требаше да ги претстават своите приоритети кандидатите за амбасадори во Словенија, Шпанија и Швајцарија беше закажана, па откажана.
Ова е најнова најава дека пинг-понг стратегијата на ВМРО-ДПМНЕ кон амбасадорската мрежа на Македонија нема да престане и оваа протоколарна обврска, од која не зависи нивното заминување, туку е само прашање на транспарентност и почитување на процедурите, и натаму ќе се злоупотребува во Собранието. Кога ВМРО-ДПМНЕ беше власт и именуваше амбасадори, од кои најголем број партиски и политички, вакви блокади немаше во парламентот.
Инаку, за амбасадор на Македонија во Словенија е именуван поранешниот лидер на ЛДП, Горан Милевски, за Шпанија треба да замине советникот за надворешна политика на премиерот Едмонд Адеми, а за Швајцарија Реџеп Демири, актуелен конзул на Македонија во Минхен. Сите тројца не се професионални дипломати, туку политички именувања.
Ваквите сопки на претседателот на Комисијата за надворешна политика, Антонио Милошоски, во однос на именувањето на амбасадорите траат веќе неколку години, што и отвори простор на Владата да ги праќа амбасадорите без тие да и се претстават на јавноста.
На истата комисиска расправа на дневен ред беше и ратификацијата на спогодбата за слободна трговија со Украина, но ни ова не беше доволно голема и важна тема за Милошоски да не ја одложи седницата на Комисијата денеска.