Зајкова не гледа цензура во регулацијата на ТикТок
Претседателката на ЛДП, Моника Зајкова, смета дека треба да се регулира пристапот до апликации и игри коишто промовираат насилство. Според неа, ако има регулација, тоа не значи дека станува збор за одредена цензура, затоа што целта е да се заштитат повисоки добра.
– Ние сме сведоци на она што се случува со нашите деца. Македонија исто така имаше човечки жртви од користењето на оваа апликација и апсолутно се наметнува потребата не само ТикТок, туку да се регулира просторот при пристапот до апликации и игри што промовираат насилство. Постојат механизми, алгоритми што можат да ја детектираат содржината и да ја банираат односно да оневозможат пристап до таа содржина, изјави Зајкова денеска одговарајќи на новинарски прашања.
Посочи дека оваа социјална мрежа е забранета и во некои од најлибералните држави во светот, но она што треба да направи државата ,според неа, е да се процени во кои закони треба да се интервенира и на кој начин би била регулацијата, затоа што и сега има забрана за пристап до одредени содржини за лица под 18 години, но тоа не функционира.
– Не сметам дека треба да останеме во земјите што сега седат со скрстени раце и не превземаат ништо по однос на овие прашања затоа што гледаме што се случува во регионот. Не значи ако имаме регулација дека станува збор за одредена цензура или помалку демократија затоа што имаме повисоко добро да заштитиме, рече Зајкова.
Министерот за образование Јетон Шаќири во изјава за медиумите по отворањето на конференцијата за италијански јазик во Ректоратот на УКИМ, најави дека надлежните институции ќе ги проценат потенцијалните ризици од употребата на „ТикТок“ од учениците за да се заклучи дали треба да се ограничи нејзиното користење. За безбедноста во училиштата ќе има интензивни состаноци со вклученост на педагози, психолози и родители, а од септември прирачници и протоколи со мерки.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски пак е попретпазлив и акцентот го стави на родителите.
-Како родители секој од нас има една сериозна одговорност во овој дел. Да размислиме сериозно дали и кога е границата во којашто ние ќе дозволиме децата да имаат смарт телефони, пристап до интернет. Затоа што сепак гледаме дека таквиот пристап на сите нас како граѓани придонесува едноставно на децата да им дадеме таканаречено оружје во раце со пристап до тие социјални медиуми, до интернет. Времето на развојот на технологијата ги овозможува сите тие активности. И ние не треба да се враќаме сега назад чекор кон развојот на општеството. Меѓутоа треба да создадеме услови коишто ќе гарантираат безбедност во таа фаза, вели Спасовски.