Захариева по статусот дека е „фригидна кучка“: За балканскиот сексизам нема место во ЕУ
Вицепремиерката на Бугарија, Екатерина Захариева, во гостување во програмата „Здраво Бугарија“, порача дека е срамота тоа што се случува со говорот на омраза во Северна Македонија, бидејќи како што вели, Заев веќе подолго време знае како и на кој начин државата го прекршува Договорот за добрососедство.
„Повеќе од година и половина немаме одговор за програма за култура, образование и спорт. Дури сега тие одлучија да одговорат на предлогот на Министерството за одбрана Бугарија да им помогне во заштитата на воздушниот простор. Тие ја прекинаа работата на историската комисија кршејќи го договорот. Како жена, негодувам за нивниот јазик и сексизам. Балканскиот сексизам нема место во Европската унија “, вели Захариева.
Во своето гостување, министерката за внатрешни работи на Бугарија посочи дека не ги зема лично македонските изрази, но дека е против таквиот наратив кон Бугарките. Идентично, посочи и дека вчера македонската страна за првпат изреагирала, откако претходно била неколкупати известувана од страна на Бугарија.
„Тоа е главната причина што сега не велиме ’да‘. Кога 30 години не само што толерирате, туку и стимулирате државна политика заснована на омраза кон бугарскиот народ и Бугарија, не можете да бидете подготвени да започнете преговори за членство во ЕУ. Ова е во спротивност со европските вредности. Ова е нашиот аргумент“, истакна Захариева.
Ваквиот коментар на Захариева следува откако вчера во својот Фејсбук статус новинарот Зоран Иванов ги нарече Дора Бакојани и Захариева „фригидни кучки“. Владата вчера, како резултат на ова, одлучи да го разреши Иванов од местото претседател на Надзорниот одбор на Македонската информативна агенција.