Захариева пак тврди дека имаме ист јазик
Министерката за надворешни работи, Екатерина Захариева, во интервјуто за “Ефе”, кое го пренесува БГНЕС, оценува дека односите меѓу двете соседни земји треба да наликуваат на односите кои денес ги имаат Шпанија и земјите од Латинска Америка.
“Фактот дека Аргентинците и Чилеанците зборуваат шпански јазик, не ги прави помалку Аргентинци и Чилеанци. Фактот дека во еден момент тие имаат заедничка историја, не го намалува нивниот суверенитет и јазик. Напротив, тоа ги приближува.” – изјави Захариева.
И покрај тоа таа тврди дека Бугарија никогаш не го негирала правото на постоење македонска држава, ниту нејзиниот суверенитет и желба да го нарекува јазикот како што сака, но сето тоа не треба да биде врз основа на лаги и негирања за начинот на кој е создадена нацијата.
Ветото за Македонија, Захариева го образложува како последица и на говорот на омраза кон се што е бугарско во нашата држава. Според неа, Македонија ги потрошила 30-те години од својата независнот за стимулирање на тој говор на омраза, што на крајот имало ефект и врз обичните граѓани во државата.
„Проблемот со историјата е во тоа што погрешните и лажни толкувања на настаните и луѓето имаат директно влијание врз актуелните случувања и тоа создава говор на омраза и негативна кампања против Бугарија и Бугарите, нешто што е апсолутно неприфатливо за нас“, тврди Захариева.
Во однос на тоа дали европските партнери имаат разбирање за бугарската позиција , Захариева посочила дека и Грција не била разбрана, па 15 години го задржала ветото кон Македонија.