Загриженост кај Европската федерација на новинари поради порастот на дезинформации од вештачката интелигенција


Европската федерација на новинари (ЕФЈ) денеска предупреди дека вештачката интелигенција сè повеќе се користи за производство на погрешни визуелни и текстуални содржини, со цел ширење на дезинформации кои би влијаеле на јавното мислење.

Затоа, според ЕФЈ, повеќе од кога било досега е потребно јавноста да развие медиумска писменост, со цел да ги препознае дезинформациите користејќи различни техники и алатки и да го разбере функционирањето на медиумите.

„Вештачката интелигенција ги прави моќните алатки достапни за секого, вклучувајќи ги и злонамерните актери. Затоа е важно медиумската писменост да се гледа како збир на алатки и техники кои им овозможуваат на корисниците да препознаат дезинформации и да интерпретираат медиумска содржина“, посочува ЕФЈ.

Во наредниот период, според ЕФЈ, Европската заедница за вештачка интелигенција, податоци и роботика треба да разговара со синдикатите и здруженијата на новинари за дизајнирање и развој на алатки за вештачка интелигенција кои би ја олесниле работата на медиумските работници.

„Неопходна е соработка на различни институции, програмери, влади и медиумски издавачи и уредници. Одговорност на редакциите е да се погрижат алатките за вештачка интелигенција да се користат во согласност со новинарските стандарди“, додаваат од федерацијата на новинари.