Загадениот воздух ја наполни Пулмологија
Скопје, речиси секој еден е на врвот на листите за најзагадени градови, а таа состојба ја наполни Клиниката за пулмологија со пациенти.
Според д-р Оливер Зафировски, директорот на Клиниката за пулмологија како последица на аерозагадувањето зголемен е бројот на лица кои се прегледуваат во амбулантите на клиниката, а зголемен е и бројот на хоспитализирани пациенти.
„Пациентите кои имаат хронична опструктивна белодробна болест (ХОБ), како и оние кои имаат астма, мора да започнат со терапија уште пред да дојде аерозагадувањето. Имаме зголемен број пациенти, во зима кај нас е така. Клиниката е полна во последните неколку месеци, но иако се полни капацитетите, ниеден пациент не е вратен. Најчесто се со ХОБ, астма и други белодробни заболувања“, додаде Зафировски.
Како што сподели докторот, според најновите статистики на Американската асоцијација за пулмологија, секое седмо новородено бебе ќе има мака со белите дробови како последица на глобалното аерозагадување, изјави д-р Зафировски, пред свеченото доделување признанија за вработени на оваа Клиника.
Зборувајќи за децата и нивната подложност да развијат болест на белите дробови, д-р Зафировски истакна дека уште во бременоста, преку мајката, децата страдаат поради аерозагадувањето.
„По новите статистики што ги има Американската асоцијација за пулмологија, секое седмо дете новородено ќе има мака со белите дробови. Нивните бели дробови се нежни и тие се почувствителни на аерозагадувањето. Најдобро е да се штитиме со маска, ако немаме маска – шал, да не се шета надвор кога има енормни загадувања“, рече Зафировски.
Покрај вработени на клиниката, на настанот присуствуваше и министерот за здравство и вицепремиер Арбен Таравари.
Инаку, за најдобар доктор на Клиниката беше прогласен Ирфан Исмаили, а најдобра медицинска сестра Елизабета Сајкова Ангеловска. Зафировски информираше дека во моментов имаат двајца доктори кои веќе одбраниле докторат, а имаат и еден нов докторант.