Заев за советниците: Александар Ружин е образован и може да помогне


Премиерот Зоран Заев денеска во собранието одговараше на прашања од пратениците. ПРатеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски постави прашања во врска со високите хонорари на советниците на премирот, како и за нивната компетентност.

Советничката афера ја објави Истражувачката репортерска лабораторија и преку серија на текстови обелоденија кои се и со колку народни пари се платени советниците кои Заев ги ангажирал.

Милошоски го праша Заев зошто има потреба од советници како Александар Ружин и Љупчо Зафировски. Како што рече Милошоски, првиот зема месечен надомест од 50.000 денари, а вториот од 75.000 денари.

-Сметам дека со државни пари поткупувате јавно мислење, бидејќи овие луѓе и нивни блиски секој ден се појавуваат на медиуми како ескперти и ја фалат Владата – рече Милошоски и го праша Заев колку често се гледа со нив и какви извештаи доставуваат.

Премиерот рече дека Ружин и Зафировски имаат конекции со Франција, кои се во корист за Владата.

-Александар Ружин е млад човек, добро образован и може да помогне. Ангажирав такви луѓе за да им дадам можност да се градат во ова општество. Тој е син на поранешниот амбасадот Нано Ружун. Работиме на неколку проекти, еден од тие проекти е привлекување на странски инвестиции од Франција. Тој е присутен во ТИРЗ зоните, разговара со градоначалниците и учествува во постапката за анимирање на француските компании во делот на екологијата. Конекциите кои ги има овозможуваат да биде олеснувач администратор на постапките и други процеси – рече Заев.

Во врска со Зафировски тој рече дека високиот месечен надомест е поради тоа што овој советник поголемиот дел од времето го поминува во Франција. Заев додаде дека сепак прв пат слушнал колкав е месечниот хонорар на Зафировски.

-Тој има врски во дипломатскиот дел до кабинетот на Макрон и со Владата во Франција, која има малку инфо за она што се случува тука. Некогаш се потребни повеќе информации за да го привлечеме кабинетот на Макрон на наша страна. Знаете дека Франција, Холандија и Данска беа со резерва за проширувањето на ЕУ кој Македонија. Неговиот ангажман е поголем затоа што поголем дел поминува во Франција, трошоците таму се поголеми и законот го дозволува тоа. Затоа таа определена сума – рече Заев.