Заев за изборите во СДСМ: Пишуваме историја


Денес, за првпат во тридецениското постоење на плурализмот во Северна Македонија, токму членовите на СДСМ избираат претседател на директни, внатрепартиски избори. Заедно испишуваме историја практикувајќи највисоко ниво на внатрепартиска демократија, порача Зоран Заев за изборите во СДСМ.

„Ова е нова, додадена вредност, нов стандард на македонската политичка сцена, поставен од најдемократската, најпрогресивната, модерна и европска партија – СДСМ“, порача Заев.

Заев е единствениот кандидат за партиски лидер на СДСМ и исходот од внатрепартиски избор, односно неговиот реизбор e повеќе од извесен.

За гласање, како што беа најавите, пријавени се 68.999 членови. Изборите ги спроведува Централна изборна комисија на СДСМ во сите 80 општински организации, а ќе се гласа на 237 избирачки места.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, чиј лидер не се избира директно од членовите туку од избрани лица на Конгрес, сепак обвинија дека денешните избори во СДСМ се севернокорејска демократија, бидејќи актуелниот претседател на партијата и премиер, Зоран Заев е единствениот кандидат.Пред Владата тие поставија постер на кој го прикажуваат Заев седнат во фотелја и облечен како севернокорејскиот лидер, Ким Џонг-ун.