Заев:  Во Словенија и Бугарија не помина економското цунами на ВМРО-ДПМНЕ


Осврнувајќи се висината на економската поддршка што Владата ја обезбедува за работниците и за стопанството, особено споредбено со земјите од регионот, претседателот на СДСМ Зоран Заев во интервју за Канал 5 нагласи дека  Македонија обезбеди помош соодветна на висината на БДП на земјата, но и на економската состојба на земјата во која ја остави ВМРО-ДПМНЕ.

„Во Словенија и во Бугарија немаше претходно економско цунами коешто помина  и ја донесе државата на раст на БДП на минус 1,8 проценти, за ние за две и пол години да стигнеме на раст за 3,6 посто. Ние сакаме да дадеме повеќе, ако можеме и се да покриеме, но не можеме. Но, правиме се што можеме.  Ако работниците ги сочуваат своите работни места и ако и фирмите опстојат, ќе го биде и буџетот“, изјави Заев за телевизијата Канал 5.

„Буџетот е полн и максимална реализација имаме за целиот период.  Во моментот направивме максимум, по глава на жител сме одлично распоредени и по бруто домашен производ исто така“, нагласи Заев.

Според него, не треба да се чепка во вториот пензиски фонд, зошто тоа се пари на граѓаните.

-Ако чепкаме во тие пари, исто како да им земаме од дома. Цел свет, сите експерти препорачуваат прво да се задолжувате надвор, да се земаат кредити од странство, потоа кога веќе нема да можете да се задолжувате надвор, тогаш се задолжувате на домашен пазар, порача Заев во интервју.

Тој одговори и на критиките кон банкарскиот сектор во земјата, најавувајќи сепак дека се очекува од нив да ги намалат каматите за периодот во кој ќе ги одложат ратите за кредитите толку колку што им ги намали трошоците Народната банка на Македонија.

-Банките овде се ликвидни, тие имаат 600 милиони евра и дополнителни 400 милиони евра кои се запишани во благајнички записи и тие треба да ги оставиме дома, затоа што банките ги следат граѓаните. Банкарскиот систем во секоја земја е столб на финансискиот систем и тие пари треба да им ги оставиме на банкарскиот систем. Ако ние им ги земеме тие пари, тие нема да можат да им даваат пари на граѓаните и стопанството. Има правила коишто треба да се следат, а Мицкоски како инжинер треба да праша за економија, посочи Заев.