Заев во опасна трка со времето


ЕРОЛ РИЗАОВ

Големината и радикалноста на смените и ротациите на владините и партиските функционери на социјалдемократите нема да имаат големо значење ако на премиерот Зоран Заев му падне стрелката на часовникот во симултанката што ја игра во цајтнот. Иако е во добитна позиција, може да ги изгуби и партијата и владата. Тоа би било поголема загуба за државата, отколку лично за него. Споредбата со шаховска партија е најсоодветна оти може да се загуби и во добиена позиција ако не се земе предвид пресудниот фактор – времето. Зоран Заев и Македонија се влезени во опасна трка со времето чиј исход не зависи само од нив. Не треба да се драматизира повeќе отколку што навистина е драматична ситуацијата, но мора да се има предвид дека нема да биде првпат егоистична Европа да потроши една влада на земја кандидат за членство, да ја пушти спокојно како колатерaлна штета да се удави во нејзините пофалби.

Сигурно од Брисел ќе го добиеме најдобриот извештај досега за напредокот на Македонија, но тоа може да го закачиме на опашката од мачката ако нема датум за преговори со ЕУ, ако нема инфузија од поштедрите претпристапни финансиски фондови кои се составен дел при остварување на реформите од бриселските поглавја каде што е суштината на целиот ангажман на државата, на сите институции и безмалку на сите граѓани во  наредните шест, осум или десет години во зависност од брзината на успешното затворање на реформските поглавја, или како што обично се нарекува, исполнувањето на домашните задачи. Кадровските промени, без разлика дали се од искрени мотиви прифатени како притисок на јавноста, демек, примена е пораката од претседателските избори да се воспостават повисоки стандарди на морална, политичка и кривична одговорност за функционери, или станува збор само за популистички мерки како политички маркетинг, во секој случај ќе бидат залудно потрошено време пред цунамито што ќе ја предизвика лошата вест од Брисел, ако тоа се случи. Таа вест во вакви ситуации гласи: Вие сте многу добри, вие сте лидери, вие сте фантастични, ама ќе почекате уште извесно време за датум за отпочнување на преговори, кои се надеваме ако не почнат оваа година ќе почнат напролет идната година, до кога треба да ги завршите следните задачи… дрн, дрн јариња. Тоа би бил дебакл, тешко разочарување и катастрофа од која Македонија не ќе може да закрепне со години.

Немањето точен датум за отпочнување на преговори со ЕУ ќе предизвика чувство на голема измама кај огромното мнозинство граѓани на Македонија. Тоа ќе ги охрабри сите анахрони сили и рецидиви на режимот на Никола Груевски дека компромисот со Грција е предавство на националните интереси на државата. Ќе ги покажат роговите сите кои лиферуваа и сè уште работат во три смени за производство на лажни вести дека   промената  на името на државата  и сето она што тешко се голта во Преспанскиот договор е  одамна договорена работа, дека Никола Груевски затоа е тргнат од власт, дека бомбите стасаа до Заев само поради смена на власта и да се обезличи Македонија. Тоа би било потврда на оправданоста на критиките и сценаријата на заговор на Европа и големите сили против Македонија.

Се разбира и сосема обратно. Одредувањето датум за преговори со ЕУ уште годинава и приемот на Македонија во НАТО се остварување на најзначајните стратегиски цели на државата и нејзините граѓани и спасување на Македонија од распаѓање и исчезнување. И во Брисел, и во Берлин, и во Париз, и во Вашингтон, и во ОН ова добро го знаат сите кои беа инволвирани во преговорите со Грција и во договорот со Бугарија и во внатрешните големи  промени до кои дојде во Македонија по ослободување на заробената држава. Затоа е тешко, речиси невозможно, да се верува дека покрај сите пофалби ЕУ на брутален начин ќе ја казни Македонија и сите оние кои по цена на големи жртви се одлучија да отворат нова страница во историјата. Грција го доби минатото на кое претендира, а Македонија како Северна ја доби својата иднина. Премиерот Ципрас подготвен на жртва ја прими првата казна со поразот на  европските избори. Дали ќе има уште една казна со губење на власта поради Преспанскиот договор сè уште е неизвесно. Казната за Зоран Заев на претседателските избори на кои е извојувана победа е незначителна и повеќе е опомена отколку казна. Што ќе биде за година и пол на редовните парламентарни избори најмногу ќе зависи од спроведување на реформите и  преговорите со ЕУ проследени со конкретни и видливи резултати кои ќе ги почувствуваат граѓаните.

Затоа сметам дека во овој момент најзначајниот фактор времето не смее да се троши бадијала на внатрепартиските кадровски комбинаторики и владини козметики. Најголемиот владин и институционален и личен ангажман на премиерот Зоран Заев  и неговите соработници треба да се насочи и натаму со полна самодоверба кон докажување на оправданоста на Преспанскиот договор и на политиката на добрососедство како најголем успех по осамостојувањето на државата. За резултатите по победата на претседателските избори, што е многу значајно бидејќи е голема победа, а не Пирова како што се прифаќа погрешно, зачудува леснотијата на посипување со пепел на власта, изедначувајќи ги своите грешки со еднодеценискиот режим и грабеж на државата и граѓаните. По падот на Груевски, заминувањето од претседателската функција на Ѓорге Иванов, како еден од најголемите кочничари на евроатлантските процеси, со доаѓање на Стево Пендаровски за шеф на државата, чија ориентација е добро позната, јасно е одредена насоката кон каде треба да се насочи целата енергија во ова кусо време што го имаат Заев и неговиот кабинет.

Колку и да се неочекувани резултатите од претседателските избори за власта, колку и да се порака на граѓаните за незадоволство од постигнатите резултати, Заев мора да има предвид дека тие се одраз и на фактот дека кај голем дел од граѓаните растат сомнежите дека Европа и Брисел можат да ја изиграат Македонија, бидејќи очекувањата беа дека преговорите со ЕУ ќе почнат веднаш по уставните промени направени во драматична атмосфера со големи непопуларни отстапки како предуслов на договорот со Грција. Одредувањето датум за преговори со ЕУ и почетокот на реформите ќе ги изнуди сите неопходни кадровски промени.