Заев во авторски текст во „Политика“ рече дека Отворен Балкан е само почеток
Премиерот Зоран Заев порача дека „Отворениот Балкан е израз на силната политичка волја на Северна Македонија, Србија и Албанија и иницијатива од највисок јавен интерес “.
„Нашите народи, македонскиот народ, албанскиот народ и српскиот народ и сите други кои живеат во земјите на нашиот Балкан, го имаат истиот пат пред нив. Имаме иста визија и вредности- ова се европски вредности, а не политика на ѕидови и поделби. Градиме мостови, а не sидови“, посочи Заев во авторскиот текст за денешното издание на „Политика “.
Говорејќи за економските предности што треба да следат многу брзо да уследат, тој посочи дека ова е „само почеток“.
„Почеток на нешто наше, автентично за нашите три држави, јасен европски пат, отворен за сите други кои мислат добро за својот народ – градиме отворен пат, отворени граници, отворена економија – Отворен Балкан“, напиша Заев.
Тој посочи дека „Отворениот Балкан не е алтернатива на Европската унија, туку испорака на она што самата ЕУ треба да го испорача“.
„Отворен Балкан е демонстрација на прогрес, наш чекор напред кон кој сме упатени следејќи ја мнозинската волја на нашите народи. Нема веќе чекање и нема отфрлање. Сечиjа поддршка е добредојдена на овој наш заеднички европски пат, а најмногу е добредојдена поддршката од Европската унија, како наш природен, очекуван и долго повикуван партнер. Ние сме тука, ние сме Европа, а Отворен Балкан не е алтернатива на ЕУ туку испорака на она што треба да го испорача и самата ЕУ. Отворениот Балкан е комплементарен, не е спротивен на ЕУ. Отворениот Балкан е засилувач на нашата европска агенда, додека сите три земји остануваат посветени на своите агенди и обврски за влез во ЕУ “, потенцира Заев.
Тој вели дека „иницијативата е отворена и подава рака кон сите земји од Западен Балкан. „Погледнете ги перспективите – заедно можеме многу повеќе, а нашите народи и умеат, и сакаат и бараат да се здружиме за подобро денес и подобро утре. Ете тоа е мојата порака до лидерствата во Косово, Босна и Херцеговина и Црна Гора, колку порано ги видиме овие заеднички перспективи, толку подобро за нашите народи… и ние јасно повикуваме ‘Придружете се, заради нашите народи’“.