Заев веќе бара други функционерски имиња


Иако новото Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците треба уште утре да почне со работа, тоа, најверојатно, нема да се случи до средината на јуни, кога првиот министер на овој ресор  би бил избран во пакет со најавената реконструкција или избор на нова влада.

Премиерот Зоран Заев најави вчера дека кон средината на следниот месец ќе се случат првите промени во извршната власт, без да прецизира дали „новиот бран“ промени ќе биде во Владата или во пониските ешалони на власта. Рече дека знае кои лица би ги поставил на местата што ќе бидат испразнети во Владата и други државни институции и дека веќе разговара со некои од нив.

„Веќе разговарам, особено со нови луѓе, кои треба да дојдат на позиции што ќе бидат променети и испразнети. Разговорите течат. Секое слободно време го користам за да разговарам со тие луѓе за да можам да потврдам дека се нафаќаат и прифаќаат да ја работат таа работа, така што верувам дека ќе стигнам не подоцна од крајот на првата половина на јуни“, рече Заев. Тој тврди дека владејачката коалиција е стабилна.

Партнерските односи со ДУИ се стабилни, довербата помеѓу мене и лидерот на партијата Али Ахмети е голема. Свесни сме дека имаме одредени слаби кадри во нашите редови и затоа  зборуваме за промените и тие се случуваат. Јавноста ги лови слабостите и затоа се случуваат корекции и во СДСМ и во ДУИ, изјави Заев одговарајќи на новинарско прашање колку е стабилна коалицијата со ДУИ.

Спикерот Талат Џафери, пак, вели дека ако во наредните денови премиерот испрати во парламентот предлози за разрешување и именување министри, седницата за тоа би можела да се одржи од 7 јуни натаму. За можните промени на кадри од редовите на ДУИ, Џафери рече дека не би можел да коментира затоа што како претседател на парламентот нема право да одлучува во партиските органи.

Во политички кругови се лицитира со бројка од околу пет министри, кои би биле  опфатени со „проветрувањето“, пред сè, во економските ресори, не сметајќи ги притоа веќе испразнетите места во култура и во земјоделство. Според тоа, очекувањата се дека Заев, наместо реконструкција, практично ќе треба да формира нов кабинет, со повторување на целата постапка за избор на владата во парламентот.

И додека премиерот, во координација со коалициските партии, подготвува терен за кадровската реконструкција на извршната власт, во општинските организации на СДСМ во полн ек е постапката за предлагање и самокандидирање за избор на нови претседатели на 78 општински организации. Исто така, веќе се прават консултации и  за  именување нови членови на најтесното партиско раководство, односно потпретседатели, организациски и меѓународен секретар, претседателка на Форумот на жени и подновен состав на Извршниот одбор. Соговорници од партијата оценуваат дека во изминатите две години внатрепартиското работење, освен во двата предизборни периоди, било запоставено на сметка на учеството на партиските функционери во власта. Таа празнина се очекува да се надомести со изборот на новото партиско раководство, од кое се очекува позасилен ангажман и присуство на терен. (А.М.М.)

 

„Жан Моне“ се враќа во Скопје

 

Од 21 до 23 јуни во Скопје ќе се одржи нов состанок во рамки на процесот „Жан Моне“, а тема ќе бидат измени на собранискиот Деловник. Од денеска претставници на пратеничките групи ќе ги почнат разговорите за надминување на разликите за ова прашање.

Спикерот Талат Џафери оцени вчера дека Извештајот на Европската комисија  за напредокот нотирал дека сè што е побарано од земјава е направено и дека сега е на ред Европската комисија. Во однос на Законот за јавното обвинителство и статусот на СЈО, претседателот на парламентот вели дека партиите сè уште разговараат и оти тој би можел да биде донесен до крајот на јули, дури и да биде поднесен во редовна постапка.