Заев стана поважна тема за ВМРО-ДПМНЕ од локалните проблеми

Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ реагираше денес на огласувањето во јавност на поранешниот претседател на СДСМ и премиер на државата, Зоран Заев кој, формално, уште од почетокот на 2022-та година, не е во политиката. Според него, тоа е доказ дека Заев уште ги влече конците во партијата , иако и Никола Груевски во континуитет се огласува во јавноста и никој не вели дека ја води ВМРО-ДПМНЕ.
„ Со истиот вординг, којшто го користи и Филипче, што укажува на тоа дека на дневна основа се координираат со него и толку се блиски, што дури и исто се изразуваат. Или, можеби, исти човек од заедничкиот тим им ги пишува и говорите и статусите и на едниот и на другиот. Сепак, од она што го напиша се гледаат неколку работи.
Прво, со тоа што кажа и што го кажува ќе мора да внимаваме да не ни ја повлече државата со себе во провалијата, затоа што јасно е дека она што го прочитавме е израз на паника и на страв.
Втората работа, многу е јасно дека СДСМ, ваков СДСМ има само една цел, а тоа е да заштити одредени елити во рамки на самата политичка партија и ништо повеќе од тоа. Затоа е толку голем отпорот кон реформи во судство и обвинителство и тоа е последниот бастион, последната одбрана на неколку елити во СДСМ. Овој СДСМ служи само на Зоран Заев и служи на ДУИ и на Али Ахмети, коишто гледаат своја повторна можност, повторна шанса во политиката“, тврди Николоски.
Според него Заев е човекот којшто ги нанесе најголемите национални порази на Македонија, најголемите национални предавства и во чиешто време криминалот цветаше и корупцијата царуваше во чие што време се случија најголемите корупциски афери, а наеднаш се појавува во кампањата за да му покаже и на Венко Филипче и на цел СДСМ кој во суштина ја води партијата.
„И затоа е потребна една масовна референдумска излезност на вие избори, да се заврши работата уште на 19 октомври, за еднаш засекогаш да се стави крај на овие корумпирани елити чијашто единствена цел е заштита на себе и на своите блиски. Ова е многу јасно и од начинот на настап и од она што го зборуваат.
А впрочем дека имаат концесии, особено од источниот сосед многу јасно говори и декларацијата којашто ја понудија во македонското Собрание на само неколку дена пред почетокот на кампања којашто очигледно Заев ја пишувал, а Венко Филипче ја однесе. Затоа, мора да се стави една јасна линија и јасна граница од една страна, а од друга страна мора на народот јасно да му се каже која е понудата на овие избори.
Понудата на овие избори – од една страна се Зоран Заев, Али Ахмети и Венко Филипче, како помошник на Зоран Заев, а од друга страна се реформите, напредокот и она што го почнавме минатата година да го продолжиме со уште позасилено темпо, паралелно со силни реформи во судство и во обвинителство“, порача Николоски, во уште една реакција која е светлосни години далеку од проблемите што ги мачат граѓаните и кои ќе бидат битни за гласањето на локалните избори и која покажува – или дека изгубиле контакт со реалноста, или толку се изгубени што не можат се уште да си ја осмислат кампањата, како која јавноста оценува дека е многу лоша.