Заев: Политичарите да го чуваат добрососедството со Бугарија


Македонија и Бугарија повторно се враќаат на „патот на пријателството и добрососедството, изјави поранешниот премиер Зоран Заев денеска, пред претежно бугарски медиуми, по доделувањето титула почесен доктор на Илхан Ќучук, европратеник и известувач на Европскиот парламент за Република Северна Македонија во Американскиот универзитет на Европа – ФОН.

– Неодамна имаше средба на премиерот Ковачевски со претседателот Румен Радев и со вашиот технички премиер, веќе работиме на економски проекти и на енергетската криза, како и на многу други активности. Јас верувам дека се враќаме на патиштата на пријателството, соработката и добрососедството. Јас многу пати сум кажал – ние сме блиски народи, ние сме со иста заедничка перспектива и ние треба да обезбедиме нашите деца да може да соработуваат. Стојам секогаш на располагање на помош на добрите односи како поранешен премиер. Го сакам бугарскиот народ, како што си го сакам македонскиот, а можам да бидам од помош во деловната соработка, поради тоа што веќе се вратив во бизнисот и работам економија, порача тој.

Поранешниот премиер во одговор на новинарско прашање рече дека 75 отсто од граѓаните се против иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за референдум за укинување на Договорот за добрососедство со Бугарија.

– Никаде во светот нема некој да биде против пријателство и добрососедство,. Нашиот народ тоа нема да го поддржи. Убеден сум дека нашето пријателство во иднина ќе биде пример, а јас како потписник на договорот испраќам порака до политичарите да го негуваат добрососедството, одговори Заев.