(ВИДЕО) Заев побарал вонредна состојба, експерти ќе решаваат за изборите


Лидерот на СДСМ Зоран Заев побарал од претседателот Стево Пендаровски да формира експертски тим кој ќе бара решение како да се најде правна основа за одлагање на изборите, за нивно повторно закажување и за прогласување на вонредна состојба.  Според Заев со Уставот се пропишани слободи и права на граѓаните кои можат да се ограничат само со вонредна состојба, а новите случаи го бараат тоа.Според Заев членот 125 на Уставот му го дава тоа право на претседателот на државата.

ВМРО-ДПМНЕ според Заев не се согласува со ова барање туку инсистираат на прогласување на кризна состојба. За СДСМ пак таа не дава доволно инструменти да се одговори превентивно на ситуацијата.  Лидерите договориле повторно да дојдат на консултации кај претседателот и заедно со експертите повторно да ги стават овие прашања на маса. Генерално сите биле за одложување на изборите и за барање правна основа за тоа, а отворено останало само прашањето за мерките.

-На оваа средба го споделивме ставот дека нема услови за спроведување на изборите и сите наши капацитети ги ставаме во функција на заштита на здравјето.Му дадовме право на претседателот Пендаровски да свика експертска група и да ги најде правно-моралните модалитети за одложување на зборите и за повторно распишување. Верувам дека консензусот постигнат од сите е сериозна порака од сите. Верувам ќе се најдат правни формулации. Верувам дека институциите ќе донесат одлука за прогласување вонредна состојба – изјави Заев по средбата.

Во однос на тоа која влада ќе владее во ваква ситуација, вклучувајќи и вонредна состојба, Заев рече дека за СДСМ не е проблем да продолжи да функционира техничката влада и  дека немаат политички калкулации околу ова прашање. Според него, прогласување кризна состојба на територија на цела Македонија ќе значи дека целата држава ќе стане Дебар, што според него нема да ги даде посакуваните резултати.

-Без  вонредна состојба не може да се ограничи движењето на граѓаните, работењето на фирмите, да се направи ребаланс на буџетот и да се обезбедат дополнителни 20 до 24 милиони евра за справување со оваа криза.Зар треба да штедиме пари за здравјето на граѓаните, праша Заев.

Тој уверуваше дека СДСМ нема никаква намера одново да ја преземе политичката контрола на Владата, туку само сака подобро менаџирање на здравствената криза.

-Немаме определено датум кога ќе се одржат новите избори бидејќи не знаеме во која фаза е ширењето на корона вирусот, дополни лидерот на Беса, Биљал Касами. И тој потврди дека Пендаровски уште денес треба да се консултира со експертски тим што самиот ќе го одреди и ќе ги викне повторно наредните денови да донесат одлуки околу одлагањето и повторното закажување на изборите, како и околу типот на кризната состојба.

-Сите едногласно одлучивме да се одложат изборите бидејќи здравјето на граѓаните е над се. Она за кое што се разви дилема беше да се најде правна основа како тоа да се реализира. Тоа што беше став на ВМРО-ДПМНЕ е да се почитуваат Уставот и законите, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Според него, имало неуставни предлози да се свика Собранието како во минатото, но тоа не е одговара со денешната реалност.

– Важно е да се почитуваат Уставот и законите, бидејќи на состанокот имаше предлози да се свика Собранието, а ние сметаме дека тоа не може да се случи во овој момент. Нашиот став е дека е потребно веднаш по лидерската средба да се формира експертски тим кој ќе донесе правна одлука која ќе значи одложување на изборите. Експертскиот тим ќе го избере претседателот Пендаровски, а на состанокот ќе присуствуваат и претседателот на Собранието Талат Џафери и техничкиот премиер Оливер Спасовски. Таму ќе се одлучува како треба да се одложат изборите, како и начинот како да се одреди новиот датум – рече Мицкоски.

Тој сметаше дека не треба да се чека и со мерките и дека е најдобро кризна состојба да се прогласи веднаш.

– Уставот предвидува кризна, но не и вонредна состојба. Вонредната состојба не е регулирана со закон, односно што би значело тоа и кои се чекорите. Наспроти тоа, постои закон за справување со кризи, како што беше за поплавите во Скопје. Можеби треба експертите најпрвин 30 дена да прогласат кризна состојба потоа да се примени прогласување вонредна состојба, порача Мицкоски.

Тој ја обвини Владата за пасивност во спроведување на превентивните мерки, посочувајчи ги советите на ВМРО-ДПМНЕ за економските последици пред една недела.

-Сега гледаме дека претставници на некои политички партии велат дека дојде денот да се интервенира. Истовремено предложивме низа мерки што значат превенција и справување со кризата. Немаме мерки на поедини општини. Оставаме на Владата тие да ги применува мерките кои ги предлагаме. Нема да критикуваме, тоа ќе го оставиме за други времиња – изјави Мицкоски.