Заев: Очекувам јасна и чиста порака дека местото на Западен Балкан е во ЕУ


Од самитот ЕУ-Западен Балкан очекувам јасна и чиста порака дека местото на Западен Балкан е во Европската унија и дека за тоа е подготвена Унијата, согласно сите чекори кои треба да ги направи секоја земја соодветно, изјави денеска премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарски прашање по заедничката прес-конференција со министерот за животна средина Насер Нуредини.

Очекувањето за нас, нагласи Заев, е дека ЕУ преку лидерите во Европскиот совет ќе испратат силна и мотивирачка порака за продолжување на максимален фокус на ЕУ кон интеграциите на Западен Балкан во ЕУ.

Во однос на оптимизмот во преговорите со Софија, Заев, рече дека имаме позитивно придвижување во разговорите меѓу претставниците на МВР и дека се надева периодот октомври, ноември и декември да биде максимално искористен за работа и посветеност за изнаоѓање решение.

–  Се работи за патоказот, кој што треба да биде, нешто што ќе значи преземање обврска од двете страни за унапредување на ефикасноста во соработката согласно Договорот за добрососедство. Вториот аспект е дека во декември на Советот на министри на ЕУ се носи одлуката, а до тогаш ќе имаме завршено избори и во Северна Македонија и во Бугарија. Трето е, драфтираната верзија која се подготвува на Самитот ЕУ-Западен Балкан за сериозната фокусираност и посветеност на ЕУ за продолжување на процесот за евро-интеграциите на Западен Балкан, изјави Заев,.

Ова прашање, нагласи Заев, е пречката за продолжување на севкупниот процес на евро-интеграции на Западен Балкан, имајќи во предвид дека е поврзано со Северна Македонија и Албанија, а што предизвикува демотивирање и во Србија и Црна Гора, како и Косово и Босна и Херцеговина.