Заев: Нема да правиме шоу од преговорите со Бугарија


Премерот Зоран Заев денеска го повтори цврстиот став за македонскиоте идентитет, велејќи дека тој и гордоста „се и ќе останат големи како планина и без да мораме да правиме националистички спектакл од тоа“. Тој уште рече дека нема да „правиме шоу од овој сериозен момент за нашата европска иднина“, одговарајќи на тој начин на утринската изјава на бугарскиот вицепремиер Красимир Каракачанов дека вчера во Софија бугарската страна побарала од Скопје да потпише документ со гаранции. Со оваа изјава Заев, исто така, одговори и на барањата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ да каже каков ќе биде одговорот на Владата „по вчерашниот ултиматум од Софија“.
Заев го кажа ова за време на презентирањето на буџетот за идната година велејќи дека „вистински европски политичари мора да му дадат шанса на процесот и да најдат начин да се согласат.  За тоа имаме и директна поддршка од канцеларката Меркел“.
Тој нагласи дека вчера во Софија имале конструктивни разговори во пријателска атмосфера и разговарале како соседи кои имаат намера да ја обезбедат европската иднина на регионот и се надева дека така и ќе продолжат.
„Искуството во преговорите со Грција ме научи дека на Балканот, кога се работи за вакви прашања, вистинско решение може да постои само ако двете страни од преговорите излезат како победници.  Во овој момент сѐ уште не сме стигнале дотаму во разговорите со Бугарија, но пред нас постојат услови за тоа.
Тоа значи дека ќе продолжиме да разговараме, но не мислам дека тој процес треба да се случува преку јавни препукувања.  Се разбира, ние ќе информираме суштински и на време за овие важни прашања, но нема да правиме шоу од овој сериозен момент за нашата европска иднина. Удирањето во гради е можеби атрактивно за домашната јавност и во двете земји, но не ја зголемува шансата за решение и ние нема да го правиме тоа“, рече премиерот.
Заев заклучи: „Ние имаме свои јасни и прецизни позиции и ќе продолжиме да работиме со Бугарија во изнаоѓање на победничко решение. Македонските идентитет и гордост се и ќе останат големи како планина и без да мораме да правиме националистички спектакл од тоа.
Многу е важно, како комшии и пријателски земји, заедно да чекориме на патот кон ЕУ, поддржувајќи се едни со други, бидејќи само така ќе донесеме напредок за сите наши граѓани, што е наша основна задача како политичари“.