Заев не сака да ги коментира пишувањата за Фрчкоски додека не завршат постапките за амбасадори


 Премиерот Зоран Заев денеска не сакаше да ги коментира пишувањата во дел од медиумите за Љубомир Фрчкоски за амбасадор во Вашингтон.

Одговарајќи на новинарски прашања, Заев рече дека ниту Владата, ниту било која институција коментира амбасадори додека не завршат постапките.

– Можам да потврдам дека ниту Владата, ниту било која институција коментира амбасадори додека не завршат постапките за било која земја или на било кое ниво. Дури многу често и именувањето на почесните конзули не го коментираме додека не заврши постапката. Кога ќе завршат сите постапки, односно одлуки на влади, агреман од претседателот, агреман од земјата домаќин каде испраќаме амбасадор, соопштуваме бидејќи седницата во Парламентот е јавна, изјави Заев.

Дел од медиумите во земјава објавија дека Обединетата македонска дијаспора издејствувала Фрчкоски да не биде прифатен за амбасадор во Вашингтон. 

Со ист став излезе и шефот на дипломатијата Бујар Османи кој нагласи дека постапката е доверлива и дека МНР никогаш не потврдило ни демантирало дека Фрчковски е кандидат, како што не сакаше да шпекулира ни околу името на Андреј шерновски како нов можен кандидат.