Заев најави дека во 2024 просечната плата ќе биде 34.000 денари

СДСМ до крајот на мандатот на новата влада ветува дека ќе ја зголеми минималната плата на 20.000 денари, а просечната ќе изнесува 34 илјади денари. Ова денеска го најави претседателот на партијата, Зоран Заев, за време на прес-конференцијата во Штип на која зборуваа и Љупчо Николовски и Венко Филипче.
Заев уште кажа дека пензиите ќе се зголемуваат согласно трошоците на живот. Најниските пензии ќе се зголемат за 21 отсто до 2024 година.
На оваа програмска прес-конференција беа објавени некои од главните столбови од програмата на СДСМ. Заев најави дека партијата се обврзува на 4 милијарди странски инвестиции, засновани на иновации, на висок степен на финализација на производи и услуги и оддржливост на бизнисите.
Освен тоа, Заев вети и 2,2 милијарди евра јавни инвестиции и 1,2 милијарди евра директни приватни инвестиции. „Тоа ќе донесе намалување на невработеноста на ниво од 3 отсто годишно и едноцифрена невработеност до крајот на мандатот“, рече Заев.
Според него, владата на СДСМ во новиот мандат ќе изгради експресни патишта во должина од 300 километри и локални патишта во должина од 950 километри и ќе продолжи со сериозни инвестиции во гасификација.
Генералниот секретар на СДСМ и носител во Изборната единица 3, Љупчо Николовски, наведе дека за трите години на оваа влада директната и индиректната поддршка во земјоделството била рекордни 430 милиони евра, а дека во наредниот период поддршката за земјоделците ќе биде 200 милиони евра годишно. Тој рече дека само во Источниот регион изминативе три години субвенционирани се над 3.617 земјоделци.
„Нема веќе привилегирани земјоделци, нема веќе лажни земјоделци. Парите и поддршката стигнуваат во вистинските раце. Младите земјоделци до 40 години добиваат поддршка од неповратни 20 илјади евра , а претходно над 400 млади земјоделци добија неповратни средства од 10.000 евра за да продолжат се занимаваат со земјоделство и да го унапредат сопственото производство“, рече Николовски.
Министерот за здравство, Венко Филипче, зборуваше за реформите што се направени во здравството, инвестициите во платите на здравствените работници и зголемување на понудата на квалитетни лекови. Тој рече дека здравствените власти на пандемијата на корона вирусот и нагласи дека секоја мерка што била преземена била навремена, а некои и пред другите држави. Но и дека борбата со корона вирусот не е завршена и дека сите капацитети се подготвени да одговорат на преизвикот.
„Ќе се зголемата инвестициите во јавното здравство, затоа што корона кризата покажа дека тоа е еден од столбовите на државата“, рече Филипче. (Н.В.)